Кинеското раководство призна дека имало пропусти и недостатоци во реагирањето на државата на ширењето на смртоносниот коронавирус.

Постојаниот комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина соопшти дека системот на реагирања на кризната ситуација мора да се подобри, како и дека државата мора да ги зајакне капацитетите во решавање на ургентните и опасни задачи.

Исто така е порачано дека мора да се извчече порака од, како што е наведено, големиот тест за кинескиот систем, објави „Синхуа“.

Со одлуката на Политбирото наложена е забрана за илегална трговија со диви животни, како и засилен надзор на пазарите.

Жариштето на епидемијата, градот Вухан останува главен приоритет и таму ќе биде испратен дополнителен медицински персонал, наведува Постојаниот комитет на Политбирото.

Заклучено е и дека функционерите треба да преземат целосна одговорност во превенцијата на епидемијата, согласно своите должности, а тие кои нема да го сторат тоа треба да бидат казнети.

Бројот на заразени од коронавирусот во Кна порасна на 20.438, а меѓу нив е и едномесечно бебе, објавија кинеските власти.

Како што објави „Пиплс дејли“, повикувајќи се на локалните здравствени претставници, коронавирусот кај бебето е дијагностициран вчера во провинцијата Гуиџу.

Од последиците на новиот вирус во Кина, според последните податоци, починале 425 луѓе, додека уште по едно лице починало во Хонгконг и на Филипини.

Случаи на коронавирусот се забележани во повеќе од 25 земји, а најмногу во Јапонија – 20, Тајланд – 19 и Сингапур – 18, објави Си-ен-ен.