Случаи на лица заразени со опасниот вирус, кој веќе однесе десетина животи, се потврдени и надвор во Кина, односно во САД, Тајланд, Јужна Кореја, Тајван, Јапонија и Макао. Земјите во Азија, како и во други делови на светот, почнаа да спроведуваат проверки на телесната температура на аеродромите, железничките станици и на автопатиштата, за да ги откријат евентуалните заразени лица, пренесуваат светските медиуми

Кинеските здравствени власти предупредија дека новиот коронавирус има способност да се адаптира и да мутира, поради што е многу потешко епидемијата да се држи под контрола. Случаи на лица заразени со опасниот вирус, кој веќе однесе десетина животи, се потврдени и надвор во Кина, односно во САД, Тајланд, Јужна Кореја, Тајван, Јапонија и во Макао. Земјите во Азија, како и во други делови на светот, почнаа да спроведуваат проверки на телесната температура на аеродромите, железничките станици и на автопатиштата, за да ги откријат евентуалните заразени лица. Мерките се дел од напорите што имаат цел да се спречи повторување на епидемијата на САРС од 2002 и 2003 година, вториот коронавирус што се појави во Кина и кој усмрти речиси 800 лица го парализираше транспортот и им нанесе големи штети на азиските економии, пренесуваат светските медиуми.

Кина соопшти дека досега се потврдени над 440 случаи со коронавирус во земјата, а Владата во Пекинг ги претстави мерките за спречување на ширењето на епидемијата. Според кинеското министерство за здравство, вирусот главно се пренесува преку респираторниот тракт. Оттаму истакнуваат дека земјата сега се наоѓа во најкритичната фаза за превенција и контрола.
– Вирусот може да мутира и постои голем ризик од понатамошно ширење на епидемијата – изјави Ли Бин, заменик-директор на кинеската национална комисија за здравство.
Ли посочи дека поголемиот број на регистрирани случаи се должи на подоброто разбирање на болеста и подобрувањата во методите за скрининг. Според него, градот Вухан во провинцијата Хубеи, каде што се појавија првите случаи на коронавирус, е ставен под засилена контрола.

– Продажбата на живи домашни птици е забранета. Дивите животни и живината исто така повеќе не се дозволени во градот – додаде Ли.
Локалните власти ги откажаа јавните свечености и активности во рамките на празниците за Кинеската нова година, вклучувајќи ја и годишната молитва во градскиот храм „Гујан“, кој лани привлече над 700.000 туристи. Градоначалникот на Вухан, Жу Ксианванг, апелира до жителите да не го напуштаат градот, а посетителите да го избегнуваат, за да се намали можноста за ширење на вирусот.
– Неопходно е да препорачаме луѓето воопшто да не доаѓаат во Вухан – порача Жу за кинеската државна телевизија Си-си-ти-ви.

Комисијата за здравство соопшти дека вирусот се третира како болест од А-класа, што значи дека властите може да ги ставаат пациентите во карантин и целосно да ги блокираат погодените области. Ли посочи дека властите веќе почнаа со имплементирање мерки за спречување понатамошно ширење на коронавирусот, вклучувајќи и проверки на телесната температура, минимизирање на големите толпи, подетална проверка на потенцијално заразените пациенти и поголема заштита за здравствените работници.