Кина не планира во оваа фаза да учествува во трилатерални преговори за нуклеарно разоружување и контрола на оружјето со Русија и САД, изјави вчера постојаниот претставник на Кина во ОН, Жанг Јун, пренесува ТАСС.

Тој зборуваше на итната седница на Советот за безбедност на ОН, свикана на барање на Русија и на Кина.

– Кина многупати јасно ја кажа својата позиција за преговори за контрола на оружјето. Во моментот, Кина не е заинтересирана за т.н. трилатерални разговори за контрола на оружјето и нема да учествува во нив – рече дипломатот.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и други американски официјални претставници постојано предлагаа вклучување на Кина во разговорите меѓу Москва и Вашингтон за нуклеарно разоружување и за контрола на оружјето.

Владата на САД инсистира на тоа дека можните нови договори за нуклеарни сили со среден дострел треба да го вклучат и Пекинг.