Кина денеска ги негираше тврдењата дека нејзините сили стационирани во африканската држава Џибути, користеле ласери против американски авиони, при што полесно биле повредени двајца пилоти.  

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуе Чунјинг соопшти дека Кина официјално ги информирала САД дека таквите тврдења се невистинити.

Употребата на ласери против американски летала ја негираше и кинеското Министерство за одбрана, кое посочи дека Кина стриктно се придржува кон меѓународното право и законите на земјата во која се наоѓаат нејзините сили, како и дека работи на зачувување на регионалната безбедност и стабилност.  

Си-Ен-Ен претходно јави дека кинески војници во Џибути користеле ласери против американски летала стационирани во американската воена база во оваа држава, при што им биле нанаесени повреди на пилоти на Военото воздухопловство на САД.

Според телевизијата, во врска со овој инцидент САД упатиле формален дипломатски протест до Пекинг и ги предупредиле своите сили дека „треба да бидат внимателни кога летаат над одредени делови на Џибути, бидејќи во мал број случаи американски летала биле погодени со ласери“.

Си-Ен-Ен истакнува дека во предупредувањето било наведно оти „за време на еден инцидент, како резултат на изложеност на воени ласери за кои се знае дека потекнуваат од блиската кинеска база, биле предизвикани две мали повреди на очите кај лица кои летале со авион Ц-130“.

Инцидентот го потврдила и портпаролката на Министерството за одбрана на САД, Дејна Вајт, која оценила дека таквите активности претставуваат закана за американските пилоти.

Претставник на Пентагон за Си-Ен-Ен изјавил дека армијата на САД верува оти Кина користи слични ласери и против американски авиони во Јужното Кинеско Море.

Кинеската база во Џибути, која беше отворена минатата година, е прва база на Вооружените сили на Кина надвор од територијата на земјата. 

Кина тврди дека оваа база ќе биде користена само за мировни мисии на ОН и за справување со пиратите кои дејствуваат во регионот, но некои аналитичари посочуваат дека тоа е дел од планот на Пекинг за ширење на своето воено присуство во реонот на Индискиот Океан.

Покрај Кина, свои бази во Џибути имаат и САД и неколку други држави.