Кина и Русија денеска на Самитот на Организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК), што се одржува во Папуа Нова Гвинеја, предупредија дека на глобалната економија и се заканува опасност од растечкиот протекционизам.

Во обраќањето на собирот, кинескиот претседател Си Џинпинг нагласи дека „сенката на протекционизмот и унилатерализмот се надвиснува над глобалниот економси раст“.

– Тој што избира да ги затвора вратите, самиот ќе се изолира од останатиот свет и ќе има загуби, изјави Си.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев пак порача дека во глобални рамки постои тенденција на зајакнување на протекционизмот и повика на воспоставување јасни и транспарентни правила во меѓународната трговија.

Изјавите на Си и Медведев се сметаат за критики упатени на сметка на Вашингтон, поради одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување на царини за увоз на повеќе стоки во САД.

На Самитот, што се одржува во главниот град на Папуа Нова Гвинеја, Порт Морзби, ќе се обрати и американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој се очекува да говори за заложбите на Трамп за благосостојба, безбедност и слобода во азиско-пацифичкиот регион.