Кина забрани изградба на многу високи облакодери во градовите со помалку од три милиони жители. Во градовите со поголемо население ќе може да се градат објекти високи до 250 метри, пишува Би-би-си.

Кина е дом на некои од највисоките облакодери во светот, меѓу кои Шангајската кула висока 632 метри и меѓународниот финансиски центар Пинг Ан во Шенжен, висок 599 метри.

Локалните извештаи наведуваат дека иако облакодерите се практично решение во пренаселените градови како Шангај и Шенжен, нема потреба од нив во помалку населените области.

Кинеските власти се почесто ги критикуваат скапите и за нив „празни“ проекти, сметајќи дека тоа е всушност суета на локалните градежници и инвеститори.

„Живееме во време кога луѓето само сакаат да направат нешто за да останат во историјата“, изјави неодамна Џанг Шангву, заменик-шеф на Факултетот за архитектура и урбанизам на Универзитетот Тонги.

Кинеското Министерство за домување и урбанистичко-рурален развој и Министерството за управување со вонредни состојби во вторникот соопштија дека градовите со помалку од три милиони жители ќе треба да аплицираат за посебно одобрение, односно дозвола доколку сакаат да градат облакодери високи над 150 метри. Со услов во никој случај да не можат да градат објекти повисоки од 250 метри.