Кина одбележа 30 години од протестите на плоштадот „Тиенанмен“. Западот ја обвинува дека сака да го заборави нивното задушување

Кина е подготвена докрај да оди во трговската војна против САД. Таков заклучок, според „Геополитика“, би можело да се извлече од новообјавениот официјален документ на кинеските власти. Со т.н. „Бела книга“, Пекинг зазема поцврста позиција со која предупредува дека трговскиот прекин што го испровоцирал Вашингтон негативно ќе влијае врз целиот свет.

– Кина не е подготвена да оди на компромис околу главните прашања. Кина не сака трговска војна, но не се плаши од неа и ако треба ќе се бори. Позицијата на Пекинг по тоа прашање никогаш не се менувала. Што се однесува до царините, економските и трговските судири меѓу Кина и САД ги испровоцираа САД, а тие им нанесуваат штети на интересите на двете страни и на целиот свет. Американските обвинувања против Кина во однос на кражбите на интелектуална сопственост се неосновани – се вели во документот.

Во него исто така се наведува дека САД се недоверлив преговарач и дека кинеската влада сака преговорите да бидат рамноправни, меѓусебно корисни и втемелени на доверба, пренесува Си-ен-би-си.

Од друга страна, САД ја обвинија Кина за „игри на обвинувања“ со кои сака погрешно да ги претстави вистинските причини за пропаѓањето на трговските преговори. Според Вашингтон, Пекинг во последен миг се повлекол договореното.

Кинеските власти веќе најавија дека изработуваат список на странски компании, организации и лица што можат да им наштетат на кинеските компании, а почнаа и истрага против американската компанија „Федекс“ за прекршување на правата на кинеските клиенти. Од сето тоа може да се заклучи дека Кина не се повлекува по најновите американски закани дека ќе воведат нови царини на вкупниот кинески увоз во САД, што претседателот Доналд Трамп го најави ако не се постигне нов трговски договор со Кина.