Гардијан

Повеќе земји вклучувајќи ја и Турција одбија да присуствуваат на најновиот самит во период на засилена загриженост околу должничката дипломатија

Додека Кина се подготвува за форумот „Еден појас, еден пат“ што ќе се одржи неделава, кинеските претставници ќе работат напорно да го одбранат важниот проект од зачестените меѓународни критики.

Тридневниот форум кој започнува денес треба да го промовира „проектот на векот“ на кинескиот претседател Си Џинпинг, односно иницијативата во надворешната политика што ја започна во 2013 година за да ги обнови старите трговски рути меѓу Азија и Европа, како и да изгради нови врски со Блискиот Исток, Азија и со Јужна Америка.
Но, во споредба со првиот самит што се одржа пред две години, оваа иницијатива сега се спроведува во не толку пријатна средина. Критичарите велат дека иницијативата е обид да се зацврсти кинеското влијание во светот со тоа што финансиски ќе ги задолжи земјите кон Пекинг со помош на „должничката дипломатија“.

– Иницијативата „Еден појас, еден пат“ не е геополитичка алатка, туку платформа за соработка. Ги покануваме сите да земат учество – изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ју минатата недела, пред почетокот на форумот.

Овонеделниот настан особено е важен за Пекинг, кој го користи форумот за да ја убеди меѓународната заедница, како и сопствените граѓани за успешноста на проектот.

Пекинг најверојатно ќе го пофали меморандумот за соработка што ќе биде потпишан на настанот кој ќе заврши со заедничко соопштение за медиумите.

– Целта на иницијативата „Еден појас, еден пат“ е да им даде поширока легитимност на кинеското лидерство и на кинеската Комунистичка партија. Со ваквиот престиж се фали секоја влада што ќе го потпише меморандумот за соработка и секој премиер кој ќе присуствува на големиот самит во Пекинг. Овие држави му овозможуваат на Си Џинпинг да се пофали пред своите граѓани дека целиот свет ги прифаќа неговите политики и дека тој е единствениот кој може силно да ја позиционира Кина во центарот на светската сцена – порача Томас Едер, истражувач во институтот за кинески студии „ Меркатор“.

На настанот ќе присуствуваат 37 лидери, вклучувајќи го рускиот претседател Владимир Путин, италијанскиот премиер Џузепе Конте, британскиот канцелар Филип Хамонд, пакистанскиот премиер Имран Кан и шефовите на 10-те држави од АСЕАН (Асоцијацијата на југоисточни азиски нации). САД би требало да испратат дипломати од низок ранг, а Индија нема да присуствува.

Меѓу државите кои претходно присуствуваа, но годинава одбија се Турција, која јавно ја критикуваше Кина за нејзиниот однос кон муслиманското малцинство на Ујгурите, потоа Полска, Шпанија, Фиџи, Шри Ланка и Аргентина, според групата „Евроазија“ која се повикува на геополитичките прашања како можна причина.

Критичарите исто така побараа од Кина да ја институционализира иницијативата „Еден појас, еден пат“, така што проектот нема да се смета за целосно предводен од неа. Другите се повикаа на проблемите со животната средина, затоа што кинеските компании работат на светски проекти во кои јагленот се користи како суровина. Ваквите проекти претставуваа 42 отсто од кинеските странски инвестиции лани, според податоците на кинеските политички банки кои водат евиденција за кинеските финансиски инвестиции во енергетската индустрија во светот.

– За доброто на планетата, за луѓето кои ги дишат отровните честички што ги испуштаат термоцентралите на јаглен и долгорочното економско здравје на многу земји во развој, да се надеваме дека иницијативата ќе ја укине употребата на јаглен – порача Вава Ванг, висок советник во данската организација за обновлива енергија.

Во пресрет на форумот, Кина успешно оствари неколку цели од проектот. Италија сега е првата земја од Г7 што ќе ја спроведе иницијативата откако го потпиша меморандумот за соработка во март и покрај критиките од САД. Овој месец, Малезија се согласи да го продолжи 10,7 милијарди вредниот железнички проект кој беше откажан претходно.

Досега Кина потпиша над 170 договори за соработка со 125 земји, според кинеските државни медиуми. Меѓу 2013 и 2018 година, овие договори изнесуваа над 90 милијарди долари во кинески инвестиции.

Пекинг исто така почна да презема чекори за да ја смири загриженоста. Претставници наводно изготвуваат правилник за тоа кои проекти можат да се сметаат како дел од иницијативата за да се спречи секаква злоупотреба на брендот во неуспешни проекти. Кинеските амбасадори во Кенија и во Мексико ја бранеа иницијативата во локалните медиуми.

В петок, Си свечено ќе се обрати на форумот со сличен говор како претходно. На еден симпозиум лани во август тој порача дека „иницијативата ’Еден појас, еден пат’ е иницијатива за економска соработка наместо геополитички сојуз или воена лига, и исто така е отворен и инклузивен процес наместо ексклузивен или само ’кинески блок’’.

Подготвила: Билјана Здравковска