Кинеската ракета „Долг марш 5Б“ привлекуваше глобално внимание во текот на изминатата недела додека експертите внимателно ја следеа нејзината траекторија, шпекулирајќи каде ќе паднат нејзините остатоци при неконтролираното спуштање на Земјата. Во Кина, пак, националната вселенска администрација молчеше наспроти критиките за допуштање на слободниот пад на ракетата кон Земјата, односно за создадениот безбедносен ризик. Надлежните кинески служби вчера го прекинаа молкот за да потврдат дека остатоците од ракетата паднале во Индискиот Океан во близина на Малдивите, додека поголемиот дел изгорел во атмосферата, пренесува „Си-ен-ен“.

За многумина вестите преставуваа големо олеснување. А кинеските национални медиуми обвинија дека зголеменото глобално внимание за случајот претставувало обид на Западот за дискредитирање на кинеската вселенска програма.

– Додека Пекинг постојано ги обвинува западните држави и медиуми за двојни стандарди, кинеските власти ги оквалификуваат критиките како злонамерни обиди за оцрнување на Кина. Таквиот одбранбен пристап е особено забележителен кога станува збор за вселенската програма, која е важна за националната гордост и претставува извор на престиж за Комунистичката партија на Кина – наведува „Си-ен-ен“.

Кинеската ракета со проценета тежина од преку 20 тони е најголемото вселенско летало кое неконтролирано се врати на Земјата во изминатите речиси три децении.