Кина нареди затворање на американскиот конзулат во југозападниот град Ченгду, во најновата ескалација на односите меѓу двете земји.

Кина вели дека овој потег е „неопходен одговор“ на САД кои наредија Кина да го затвори својот конзулат во Хјустон на почетокот од оваа недела.

Државниот секретар, Мајк Помпео, рече дека американската одлука е донесена затоа што Кина краде интелектуална сопственост.

Тензиите меѓу САД и Кина се зголемуваат околу неколку клучни проблеми, потсетува Би-би-си.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп има чести судири со Пекинг во врска со трговијата и пандемијата на коронавирус, како и околу воведувањето на контроверзниот закон за безбедност во Хонгконг.

Американскиот конзулат во Ченгду, кој е основан во 1985 година и во моментот има повеќе од 200 вработени, е стратешки важен заради неговата близина до автономниот регион Тибет.