Индексите на берзите на Волстрит се во остар пад, откако Кина воведе царина на увозот на некои производи од САД, како одговор на потезите на американскиот претседател Доналд Трамп. Пекинг, во меѓувреме, предупреди дека нема да се двоуми да преземе дополнителни контрамерки ако Вашингтон одлучи да воведе нова рунда царини за кинеските производи

Индексите на берзите на Волстрит се во остар пад, откако Кина воведе царина на увозот на некои производи од САД, како одговор на потезите на американскиот претседател Доналд Трамп. Царините се воведени на увоз во вредност од три милијарди долари, а инвеститорите стравуваат дека тој потег би можел да биде чекор кон трговска војна, која ќе биде штетна за светската трговија и профитите на компаниите. Пекинг, во меѓувреме, предупреди дека нема да се двоуми да преземе дополнителни контрамерки ако Вашингтон одлучи да воведе нова рунда царини за кинеските производи.

Доу џонс, како што јавува АП, го заврши тргувањето во Њујорк со пад од 450 поени, односно 1,9 отсто, Стандард енд Пурс 500 е 2,2 проценти во „црвено“, додека, пак, Насдак е 2,7 отсто. Јапонскиот индекс Никеи 225 се намалил за 0,3 отсто, јужнокорејскиот Коспи за 0,1, а Шангајскиот композитен индекс за 0,2 проценти. Берзите во Европа и во Азија беа затворени поради католичкиот Велигден, а не работеше ни берзата во Хонгконг. Кина во понеделникот ги зголеми таксите за американското свинско месо, рециклираниот алуминиум и други производи за 25 отсто, а такси од 15 отсто се воведени за јаболката, бадемите и други производи. Кинеското министерство за финансии соопшти дека одговара на зголемувањето на американските такси за увозен челик и алуминиум, кое стапи во сила на 23 март, и дека допрва претстојат други можни возвратни мерки, по одобрувањето на Трамп да се воведе царина на кинескиот увоз во вредност од 50 милијарди долари, поради спорот со Кина за технологијата.

Спорот со тарифите ескалира по долготрајните тензии помеѓу Вашингтон и Пекинг поради големиот трговски суфицит на Кина кон САД и нејзината политика околу технологијата и индустрискиот развој, како и поради пристапот на странските компании на кинескиот пазар. Кинескиот амбасадор во САД, Цуи Тианкаи, изјави дека новите тарифи за 128 американски производи се директен и одмерен одговор само за американското зголемување на царините за алуминиум и челик, а не за планираното зголемување на царините што го побара Трамп. – Сигурно ќе преземеме контрамерки со исти пропорции, размер и ист интензитет – истакна Цуи. Загриженоста од можната трговска војна не беше погубна само за вредноста на акциите на светските берзи. Цените на нафтата исто така значително се намалија. Според Блумберг, референтната американска нафта поевтини за 2,65 отсто на 63,22 долари за барел, додека, пак, цената на британската нафта брент се намали за 2,21 проценти на 67,81 долари за барел.