Пристигнувањето на одреден зелен воз во Пекинг, вчера ги засили шпекулациите за можна посета на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на Кина, што би била негова прва посета од меѓународен карактер откако стапи на власт во 2011 година, објави британски „Гардијан“.

Специфичниот зелен воз со жолти ленти прикажан на јапонската телевизија „Нипон“, е сличен со оној што го користеше таткото на Ким Џонг-ун, Ким Џонг-ил, кога ја посети Кина во 2011 година, непосредно пред неговата смрт.

Јапонските медиуми претходно известија дека „специјалниот воз“ во кој патува висок корејски функционер, кој можеби е Ким Џонг-ун, е забележан во пограничниот град Дандонг, во североисточна Кина.

Американската телевизија „Блумберг“, исто така, објави дека севернокорејскиот лидер е во Пекинг, повикувајќи се на свои извори. Кинеското министерство за надворешни работи не ја потврди информацијата за посетата.

Познавачите на состојбите сметаат дека Ким Џонг-ун веројатно сака да ја продолжи традицијата на патување во меѓународни посети со воз, која ја воспостави неговиот дедо Ким Ил-сунг, првиот лидер на Северна Кореја, кој првпат ја посети Кина во 1982 година.

Ким Џонг-ил, пак, наводно, имал шест луксузни возови со кои застанувал на 20-те станици во Северна Кореја, направени посебно за него, според јужнокорејските медиуми. Тој патувал искучиво со воз на ретките меѓународни посети на Кина, Русија и на Источна Европа.

Сегашниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ун веројатно патува со еден од возовите на неговиот татко, кои се опремени со засилен безбедносен оклоп, сателитски телефони, телевизори, конференциски сали и спални соби. Овие возови се движат со максимална брзина од 60 километри на час.