Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун присуствуваше на тестирање на ново оружје

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го надгледуваше тестирањето на новото високотехнолошко стратешко оружје, соопштија синоќа севернокорејските медиуми.

Јужнокорејската агенција Јонхап, повикувајќи се на севернокорејската држава телевизија, јави дека оружјето е „истражувано и разработувано долго време“ и оти тестирањето било успешно. Севернокорејската телевизија навела дека оружјето, без да соопшти од кој вид е тоа, било замислено да ја гарантира безбедноста на државата и значително да ја подобри борбената способност на земјата.

Јонхап наведува дека ова било прва инспекција на терен заради тестирање на некое оружје, на која Ким присуствувал од ноември минатата година, кога го надгледувал тестирањето на интерконтиненталната балистичка ракета „Хвасонг-15“.

Сепак, САД остануваат убедени дека Ким ќе ги почитува преземените обврски за денуклеаризација, наведе Стејт департментот.

-И натаму сме убедени дека ветувањата, дадени од претседателот Трамп и севернокорејскиот лидер Ким ќе бидат испочитувани- се наведува во соопштението од Стејт департментот.