Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун наводно и дал на неговата сестра Ким Јо-јонг одредено ниво на авторитет во надгледувањето на „државните работи“, со цел да го олесни неговиот товар на обврски, според јужнокорејските разузнавачки служби, пренесува Си-ен-ен.

Одлуката на Ким Јонг-ун за давање на поголема моќ на неговата помлада сестра претставува дополнителен доказ дека таа сега е „дефакто втора по команда“. Се нагласува дека Ким Јонг-ун останува неприкосновен лидер со „апсолутна моќ“.

Ким Јо-јонг не е единствената која доби нови задолженија. Во разузнавачкиот извештај се наведува дека и други високорангирани членови на владата и на Работничката партија преземале поголеми обврски, во обид да го намалат притисокот врз Ким Јонг-ун, кој речиси девет години владее со држвата, како и да го заштитат од можните обвинувања за неспособност на власта.

Режимот на Ким летово се соочи со неколку тешки прашања. Властите се обидуваат да се справат со последиците од смртоносните поплави во државата, како држењето на пандемијата под контрола. Се верува дека и економијата на Северна Кореја е во лоша состојба, поради заканата од коронавирусот.

Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја (НИС) нагласи дека одлуката на Ким Јонг-ун да делегира дел од должностите не е поврзано со неговото здравје, плановите за наследник, ниту со неговиот стисок врз моќта. Ким Јо-јонг со години е меѓу главните помошници на нејзиниот брат.