Северна Кореја потрошила речиси 600.000 долари на купување на коњи од Русија во последните десет години, пренесува „Њузвик“. Според податоците на „Ројтерс“, Северна Кореја купила 136 коњи од Русија помеѓу 2010 и 2019 година, а во октомври минатата година го направила најголемиот откуп од 2015 година досега, плаќајќи 192.204 долари за 61 коњи. 

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, минатиот октомври беше фотографиран како  позира на бела кобила на снежниот врв на светата планина Паекту. Фотографијата требаше да ја симболизира силата на земјата во минатото, како и во иднина. 

Севернокорејскиот лидер честопати оди на светата планина кога треба да донесе важни политички одлуки.

Ким беше фотографиран како повторно јава на бел коњ придружуван од високи функционери на врвот на планината Паекту во декември, но не е познато дали станува збор за коњите забележани во октомври. 

– Во 2003 година, рускиот претседател Владимир Путин за роденден му подари неколку коњи „Орлов труп“ на Ким Јонг-ил, починатиот татко на Ким Јонг-ун – вели Артјом Лукин, експерт за меѓународни односи од Владивосток. 

Според Лукин, на Севернокорејците им се допаѓаат овие расни коњи кои се одгледувани и тренирани за галопирање поради нивниот прекрасен, отмен изглед, како и поради нивниот добар темперамент.

Набавката на коњите се случи минатата година додека Северна Кореја остана под меѓународните санкции наметнати поради нејзиното нуклеарно оружје и ракетната програма.