Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, доби лично писмо од американскиот претседател Доналд Трамп, објавија државните медиуми. Ким го пофалил писмото како „одлично“ и ја истакнал „извонредната храброст на Трамп“, пренесе официјалната севернокорејска агенција КЦНА.

Писмото е првиот голем развој на настаните меѓу САД и Северна Кореја, по запирањето на разговорите меѓу двајцата лидери на состанокот во Виетнам.

САД инсистираа Северна Кореја да се откаже од својата нуклеарна програма, додека Пјонгјанг побара олеснување на санкциите.

На почетокот на месецов Трамп за новинарите изјави дека Северна Кореја под раководство на Ким има огромен потенцијал. Исто така, во мај за време на посетата на Јапонија, Трамп го опиша Ким како „многу паметен човек“ и рече дека очекува многу добри работи што ќе произлезат од Северна Кореја.