Пјонгјанг соопшти дека ги запира нуклеарните проби и тестови на интерконтинентални балистички проектили, како и тоа дека ги затвора локациите за атомски проби. Сепак, како што оценува „Асошиејтед прес“, укинувањето на нуклеарната програма на Пјонгјанг не изгледа поблиску отколку порано

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун конечно се изјасни за плановите за разговор со претседателите на Јужна Кореја и на САД. Пјонгјанг соопшти дека ги запира нуклеарните проби и тестови на интерконтинентални балистички проектили, како и тоа дека ги затвора локациите за атомски проби. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој наскоро ќе се сретне со Ким Јонг-ун, го поздрави чекорот на Северна Кореја. Сепак, како што оценува „Асошиејтед прес“, укинувањето на нуклеарната програма на Пјонгјанг, не изгледа „поблиску отколку порано“.
По сѐ изгледа, според „Асошиејтед прес“, Ким Јонг-ун маневрира за да добие шанса да се сретне со Трамп врз суштинска еднаква основа, односно како шеф на држава што има нуклеарно оружје. Севернокорејскиот лидер изјави дека Северна Кореја од 21 април прекинува со нуклеарните проби и лансирање проектили. Тој додаде дека локацијата за нуклеарни проби Пунгје-ри, во северниот дел на земјата, ја „исполнила својата мисија“.

„Асошиејтед прес“ наведува дека овој пат Ким Јонг-ун изгледа многу пофлексибилно отколку порано во врска со војската и можно е да е подготвен да понуди повеќе отстапки кога ќе почнат преговорите.
– Ким Јонг-ун всушност рече дека Северна Кореја ја достигна нуклеарната сила и дека ќе се откаже од нуклеарното оружје ако тоа го стори остатокот од светот – изјави Џошуа Полак, експерт од институтот за меѓународни односи „Мидблери“.
Средбата помеѓу лидерите на Јужна и Северна Кореја е најавена за 27 април, во демилитаризираната зона помеѓу двете земји. По овој состанок, би требало да следува историскиот самит на Ким и на Трамп. Засега не се знаат ниту точниот датум, ниту локацијата на средбата.

Јужна Кореја исто така го поздрави големиот напредок кон денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, „што цел свет го очекува“.
Истовремено и Европската Унија ја поздрави одлуката за прекин на нуклеарните проби и тестирања балистички ракети од страна на Пјонгјанг.
– Неговата изјава, која е, исто така, поздравена од Вашингтон и од Пекинг, го изразува стремежот на Пјонгјанг да ги почитува меѓународните обврски, односно да ги исполнува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, се наведува во соопштението на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност – Федерика Могерини.

Британија исто така порача дека плановите на Северна Кореја да ги запре нуклеарните проби претставува позитивен чекор. Во соопштението на британската влада се наведува дека тоа е израз на добра волја.
– Продолжуваме ангажирано да работиме со нашите меѓународни партнери за целосно решавање на проблемот по мирен пат, што подразбира контрола и прекин на нуклеарната програма на Корејскиот Полуостров – се додава во соопштението на британската влада.


Германија: Пјонгјанг мора да ја разоткрие нуклеарната програма

Одлуката на Северна Кореја веднаш да ги прекине нуклеарните и ракетни тестирања претставува чекор во вистински правец, но таа мора да ја разоткрие својата нуклеарна и ракетна програма, порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.
– За да влеземе во сериозен политички процес за целосна денуклеаризација на Северна Кореја, сепак е неопходно Пјонгјанг да следи специфични чекори и целосно да ја разоткрие својата нуклеарна програма, но на проверлив начин – истакна Мас.
Тој додаде дека тоа барање е „во согласност со очекувањата на меѓународната заедница“.


Иран ја предупреди Северна Кореја да не склучува договори со Трамп

Стремежот на САД да го промени нуклеарниот договор со Иран испраќа многу опасна порака, а тоа е дека земјите не треба да преговараат со Вашингтон, предупреди иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува за средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, на која ќе се разговара за денуклеаризација.
Зариф во Њујорк истакна дека нема смисла францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел да се обидуваат да го смират Трамп. Според него, пораката што Трамп му ја испраќа на светот е дека „не треба да се склучуваат договори со САД“.
Се очекува до 12 мај американскиот претседател да одлучи дали да ги обнови економските санкции против Техеран, кои беа укинати во 2015 година во согласност со постигнатиот нуклеарен договор меѓу Иран и шесте светски сили. Трамп изврши притисок врз европските сојузници на Вашингтон да работат на коригирање на договорот. Предвидено е оваа недела Меркел и Макрон да се сретнат со Трамп во Вашингтон.