Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, ги поздрави „непобедливите“ врски на државата со Кина, за време на државната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг, пренесува Би-би-си.

Во време кога се случуваат сериозни и комплицирани промени на меѓународно и регионално ниво, двајцата лидери ги споделија нивните погледи и ставови во врска со важните регионални проблеми, вклучувајќи ја и ситуацијата на Корејскиот Полуостров.

Разговорите беа значајни за сојузниците да ја демонстрираат нивната „непобедливост“ и цврстото пријателство. Тие беа согласни да ги здружат своите напори во промовирањето на блиската стратешка комуникација и да го зајакнат взаемното разбирање, пренесе официјалната севернокорејска агенција КЦНА.

Џинпинг, во неговата прва државна посета како претседател на Кина, беше топло пречекан од страна на Северна Кореја. Во говорот кој го одржа во главниот град, тој го поддржа новиот фокус на Северна Кореја за економскиот развој и наведе дека нацијата под водство на Ким Јонг-Ун иницираше нова стратешка линија на економски развој и подобрување на животот на луѓето, зголемувајќи ја социјалистичката конструкција во земјата на ново повисоко ниво.

Кинескиот претседател е во посета на Севенра Кореја за да даде поддршка на сојузникот, кој е под притисок поради санкциите на ОН, поради својата нуклеарна програма, како и неуспехот во преговорите за денуклеаризација со САД.

Првата посета на кинески лидер во последните 14 години, се одвива една недела пред Џинпинг да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на самитот Г20 во Осака.