Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун изјави дека е подготвен следниот месец да ја обнови жешката линија за комуникација со Јужна Кореја, но ги обвини САД дека предлагаат преговори без откажување од „непријателската политика“ кон неговата земја, објави државната агенција КЦНА. Ким го соопшти ова обраќајќи се на Врховното национално собрание, кое заседава втор ден, околу политичката и економската агенда на земјата. Ким изрази подготвеност за повторно поврзување на линијата за комуникација со Јужна Кореја од октомври, но ги критикуваше „илузиите“ на Југот во врска со, како што Сеул ги нарекува, провокации од Северот. Пјонгјанг ја прекина телефонската линија во август во знак на протест против заедничката воена вежба на Јужна Кореја и на САД, само неколку дена откако таа беше отворена првпат во една година.
– Одлуката за отворање линија ќе помогне во разбирање на очекувањата и желбите на целата корејска нација за закрепнување и траен мировен процес во прекуграничните односи. Немаме цел или причина да ја испровоцираме Јужна Кореја и нема план да ѝ наштетиме – рече Ким.
Инаку, оваа недела, Северна Кореја тестираше нова непозната хиперсонична ракета и се вклучи во трката за развој на напредно оружје со големи воени сили.