Четиринаесетгодишна кениска ученичка си го одзела животот откако наводно еден наставник ја посрамотил затоа што добила менструален циклус на час, пренесува британски „Гардијан“.

Смртта на ученичката предизвика протести на пратеничките и повторно се разгоре дебатата за „понижување на жените поради менструален циклус“ и достапноста на менструалните продукти.
Мајката на девојчето изјави дека нејзината ќерка била пронајдена мртва минатиот петок откако добила циклус за време на часот и ја извалкала облеката.

Нејзиниот наставник наводно ја нарекол „валкана“ и ја отстранил од часот. Нејзината мајка за локалните медиуми изјави дека станувало збор за првиот циклус на девојчето и затоа немала санитарни влошки.

Настанот го сврте вниманието кон законот од 2017 година со кој се наложува кениската влада да дистрибуира бесплатни санитарни влошки во сите училишта. Законот е предмет на дискусија во парламентот, затоа што законот не се почитува.
Над 200 родители исто така протестираа пред училиштето оваа недела и ги осудија однесувањето на наставникот и молкот кај властите. Пристапот до менструални продукти е огромен проблем во Супсахарска Африка каде што многу девојчиња не можат да си ги дозволат и затоа отсуствуваат по неколку дена од училиште.

Еден извештај на УНЕСКО од 2014 година открива дека едно од 10 девојчиња ја пропушта наставата поради менструален циклус што значи дека отсуствува од околу 20 отсто од часовите во текот на учебната година.
Во 2017 година, Кенија воведе закон со кој владата мора да обезбеди бесплатни санитарни влошки за сите ученички, но постојат сомневања дали воопшто 4,5 милиони долари наменети за програмата навистина го подобрија пристапот до менструални продукти и го намалија отсуството од училиште.

Подготвила: Билјана Здравковска