Отворениот конфликт за територијата Кашмир се одвива повеќе од 70 години, а Индија и Пакистан изминатите неколку месеци повторно го дестабилираа овој регион кој во минатото често беше плодна почва за воени судири.

И додека двете земји често дејствуваат и се обидуваат да контролираат дел од спорната територија, како и во сите воени конфликти, страда цивилното население. Според Си-ен-ен, најкритичен е граничниот регион кој ја дели територијата контролирана од Индија и од Пакистан, а селото Ури се смета за една од најмилитаризираните граници на светот.

Меѓуграничните размени на оган и гранатирање е честа појава во овој дел на Кашмир, а во изминатите години овој тип на инциденти се во константен пораст. Од 152 инциденти од ваков тип во 2015 година до дури 860 во 2017, локалното население вели дека военото насилство се влошило во последните неколку недели.

– Спиев веднаш до прозорецот во мојот дом, кога бомба експлодираше во мојот двор и ме повреди во пределот на стомакот. Итно бев префрлен во градот Сринагар за операција, која ми го спаси животот. За среќа, мојата сопруга и нашата ќерка спиеја на друго место и не беа повредени – вели за Си-ен-ен Мохамад Ријад, жител на пограничниот град Ури.

И додека политичарите преговараат, локалното население живее во страв. Голем број на семејства често имаат повредени и ранети, а постојаниот притисок од гранатирање го прави животот неподнослив за овие луѓе, пишуваат светските медиуми.

Постојано присутните воени тензии, поставувањето на автомобили-бомби, гранатирањето и неочекуваните воздушни напади се секојдневие за цивилното население во Кашмир, а големата бројка на загинати (вклучувајќи и многу деца), според медумите, ги прави бегалци во својата сопствена земја.