Пожарите во Сибир со кои веќе два месеца се обидуваат да се справат властите во Русија, уништија големи шумски површини, ги зголемија заканите врз локалното население и продолжија со емисиите на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, објави „Б92“.

Според пишувањата на „Индекс“, се чини дека малку луѓе во Русија, а особено во светот, ги вознемири овој развој на настаните. На ова се осврна и предупреди на Фејсбук Александра Шубина, Русинка со германска адреса.

– Има една работа која не ја разбирам. Кога изгубивме само дел од Богородичната црква, тоа беше светска трагедија. Луѓето зборуваа за тоа и донираа пари. Тоа беше тажна вест и за мене. Но, тука имаме глобална катастрофа! Шумите на Сибир горат! ова е најголемото подрачје на светот кое е прекриено со недопрени шуми, а ние го губиме. Горат три милиони хектари шума и сето тоа може да се види дури и од вселената – напиша загрижената Русинка.

Таа исто така побара помош и од познатите еколози и глобалната заедница, со цел да се првилече вниманието кон пожарите и со заеднички напори да се реши проблемот, поради тоа што руските власти недоволно се ангажирале околу пожарите.

Според „Индекс“, иако изјавата на Шубина можеби делува како дигање на паника, многу од нејзините констатации се точни. Руските власти релативно доцна се вклучиле во борбата со катастрофата, а регрутирањето на војската од страна на рускиот претседател Владимир Путин, според активистите за заштита на животната средина, било недоволно и предоцна за да се спречи катастрофа.

Една од главните причини за бавната реакција на властите е лошата законска регулатива, според која руските власите немаат обврска да реагираат на шумски пожари кои беснеат во далечни и тешко достапни подрачја на Сибир, во таканаречените контролни зони. Проблемот се состои во тоа што околу 90 отсто од шумските пожари во Русија се случуваат токму во овие контролни зони.

– Тие пожари требаше да бидат изгаснати на самиот почеток, а беа занемарени поради политика. Сега тие прераснаа во климатска катастрофа која не може да се запре и покрај човечките напори – рече стручњакот за шумски пожари на здружението „Гринпис“, Антон Бенеславски.

Додека, според Кремљ, подрачјата на кој е активен пожарот е намален од 3,5 на околу 2,7 милиони хектари, Гринпис тврди дека тие се уште растат и сега се простираат на територија од 4,3 милиони хектари.

Според информациите, летните пожари на Сибир се вообичаени и природен годишен циклус. Меѓутоа, поради климатските промени и екстремните температури, сушата и силните ветрови, тие оваа година се зголемија без преседан, а изгледа дека временските услови и во следните недели ќе бидат погодни за повторно проширување на пожарите.