Илјадници поддржувачи на независноста на Каталонија излегоа денеска на протест во Барселона, барајќи да бидат ослободени од обвинувањата 12-те сепаратистички лидери, на кои им се суди поради нивната улога во неуспешниот обид за сецесија во 2017 година.

Демонстрантите минувале низ улиците на градот со големи транспаренти, на кои пишувало „Самоопределувањето не е злосторство“, скандирајќи „Слобода за политичките затвореници“.

Судењето на каталонските лидери почна оваа недела во Врховниот суд во Мадрид. Тие се обвинети дека ја игнорирале судската забрана за одржување референдум за отцепување и прогласиле независност во октомври 2017 година.

Деветмина од 12-те осомничени се наоѓаат в затвор, додека тројца се пуштени да се бранат од слобода.