Норвешката коалициска влада падна откако популистичката десничарска Напредна партија се повлече од неа поради спорот околу осомничената поддржувачка на ИС која е вратена од Сирија.

Лидерката на Напредната партија, Сив Јенсен, ја објави одлуката откако разговараше со раководството на нејзината партија и премиерката Ерна Солберг.

Осомничената поддржувачка на Исламска држава, жена родена во Пакистан, беше вратена во Норвешка со своите две деца.

– Можевме да примиме деца, но не правиме компромис со луѓето кои учествуваа во терористички организации – рече Јенсен на прес-конференција.

Владата ја одобри репатријацијата на три лица од бегалскиот камп „Ал-Хол“ во Сирија, донесувајќи одлука базирана на информации дека едно петгодишно момче е многу болно.

Јенсен исто така рече дека нејзината партија смета дека направила премногу компромиси.

Таа додаде дека верува оти Солберг ќе остане како премиерка.