Кандидатот кого антиинституционалното Движење Пет ѕвезди (М5С) и десничарската популистичка партија Лига го предложија за нов италијански премиер, Џузепе Конте, е обвинет за фалсификување на професионалната биографија и за преувеличување на своите научни постигнувања.

Сомнежите се појавија откако беше доведена под сомнеж неговата академска наобразба на Њујоршкиот универзитет.

Портпаролка на Универзитетот во изјава за „Њујорк Тајмс“ тврди дека „лице со такво име не фигурира во ниту еден од универзитетските регистри, ниту како студент, ниту како предавач“.

Таа нагласува дека е можно Конте да посетувал еднодневни или дводневни курсеви на Универзитето, чии учесници не се евидентирани во архивите.

Ваквото тврдење предизвика сомнежи и во веродостојноста на тврдењата во биографијата на Конте дека тој посетувал повеќе високообразовни институции во странство.

На ваквите обвинувања реагираше движењето М5С кое соопшти дека Конте „никогаш не тврдел дека завршил конкретни кусеви или дека добил магистерска титула од Универзитетот“ во Њујорк.

– Конте како секој човек што се занимава со наука отишол во странство за да учи, да ги продолабочи своите знаења и да го усовршува познавањето на англискиот правен јазик. Меѓународниот и италијанскиот печат збеснуваат поради некоја квалификација за која Конте никогаш не тврдел дека ја има – се нагласува во соопштението на М5С.

М5С и Лигата вчера побараа од италијанскиот претседател Серџо Матарела да го именува Конте за мандатар за состав на новата влада на Италија.

Матарела се уште не одговори на барањето на двете партии.