Свет

Потпретседателката на САД во посета на Франција

Потпретседателката на САД, Камала Харис, во наредните неколку дена ќе престојува во официјална посета на Франција, како дел од својата европска турнеја за првпат откако стапи на функцијата.
Но она што е уште поинтересно е дека посетата доаѓа во период кога Харис трпи голем број критики за нејзината работа, па дури и дека „не се снашла“. Некои медиуми наведуваат дека дошло до заладување на односите меѓу неа и претседателот Бајден, па оваа турнеја многумина ја гледаат како своевиден испит за нејзината способност да се одржи на функцијата. Своевремено таа беше потенцирана како најблиска соработничка на Бајден, а сега, на пример, нивното заедничко појавување сосема проретчи. Како резултат на тоа, во американските анкети таа котира исклучително слабо, што е историски најслаб рејтинг на некој потпретседател на САД. Токму затоа, многумина во Париз ја гледаат последната шанса за спас на Харис.
Новинските агенции ја окарактеризираа посетата како „офанзивен шарм на САД“, со кој администрација на Бајден ќе се обиде да ја поправи лошата репутација на земјата во меѓународната политика. Според АП, посетата на Харис не носи ништо ново за Макрон. па. така. многу е веројатно дека таа нема многу да ги подобри затегнатите односи меѓу Вашингтон и Париз. Колин Дуек, поранешен советник на републиканската партија, визитата на Харис ја коментира како јалов обид на Џо Бајден да ја поправи сликата на Америка во светот, кога тој во земјата бележи пад на рејтингот според повеќе анкети во земјата и нарушени релации со државите од Индопацификот.


Франција испраќа моќна фрегата крај Кипар во услови на тензии со Анкара

Француската морнарица деновиве испраќа една од своите најмоќни фрегати во близината на Кипар, испраќајќи порака до Анкара дека Париз останува посветен на своите кипарски и грчки партнери во спорот за ексклузивната поморска економска област ЕЕЗ во Медитеранот, пренесува агенцијата „Спутник“.
Бродот „Оверњ“ е тежок 6.000 тони и располага со посада од околу 145 офицери и морнари, а е опремен со низа напредни технологии и сонари и е вооружен со моќни поморски топови, со калибар 76 милиметри. Ќе биде стациониран во регионот на Медитеранот и ќе собира разузнавачки информации.
Испраќањето на фрегатата доаѓа по новите тензии меѓу Никозија (главниот град на кипарскиот дел на островот Кипар) и Анкара, поради турските предупредувања со кои ги повикуваат Грција и Кипар да не се обидуваат да испраќаат истражувачки бродови на „турскиот континентален гребен“. Од друга страна, Грција и Кипар ги осудуваат „незаконските“ турски активности во источниот Медитеран. Атина и Никозија имаат различни ставови за разграничувањето на тој „континентален појас“ од Анкара и тврдат дека имаат право на гас под морското дно.


Сирија
Асад во дипломатска офанзива на Блискиот Исток

Соединетите Американски Држави се загрижени поради средбата меѓу министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Абдула бин Зајед, и сирискиот претседател Башар ал Асад, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс. Тој ги повика сите земји во регионот на Блискиот Исток внимателно да ги разгледаат „злосторствата“ извршени од Асад, пренесува Ројтерс.
Средбата меѓу сирискиот претседател и министерот за надворешни работи на ОАЕ е знак за подобрени односи меѓу Сирија и Емиратите, кои им се сојузници на САД и кои своевремено ги поддржуваа бунтовниците во обидот да го соборат сирискиот лидер, пренесува Танјуг.
– Загрижени сме поради извештаите од оваа средба и пораката што ја испраќа. Како што веќе рековме, оваа администрација нема да им даде никаква поддршка на напорите за нормализирање на односите со режимот на Асад или негова рехабилитација, бидејќи Башар ал Асад е брутален диктатор – рече Прајс на вчерашниот редовен брифинг со новинарите.


Нови тензии и напливи на мигранти на полско-белоруската граница

Илјадници мигранти се обидоа насилно да влезат преку границата на Белорусија со Полска во понеделникот и вчера сечејќи ја оградата од бодликава жица и обидувајќи се да ја прескокнат со помош на гранки. Опсадата ескалира во криза по должината на источната граница на ЕУ, која веќе тлееше неколку месеци. Портпаролот на полската влада истакна дека од 3.000 до 4.000 мигранти се наоѓаат покрај полската граница на белоруска страна. Полските гранични власти соопштија дека граничниот премин во Кужњица на североисток се затвори рано во вторникот.
Полска, ЕУ и НАТО ја обвинуваат Белорусија дека ја оркестрирала кризата како одмазда за западните санкции наметнати врз претседателот Александар Лукашенко. Во Вашингтон, американскиот портпарол на Стејт департментот, Нед Прајс, нагласи дека САД „силно ја осудуваат политичката експлоатација и принуда на режимот на Лукашенко врз ранливите луѓе, како и бездушното и нехумано олеснување на нерегуларните миграциски текови преку границите.


ТИКЕР

Пекинг – Кина е подготвена да работи на надминување на разликите со САД, кажа претседателот Си Џинпинг, во пресрет на виртуелниот состанок со американскиот претседател Џо Бајден. Во писмото што го прочита во вторникот кинескиот амбасадор во САД, Квин Ганг, на вечерата на националниот одбор за американско-кинеските односи во Вашингтон, Си кажа дека Кина е подготвена да соработува со САД за регионалните и глобалните прашања. Датумот на состанокот меѓу Си и Бајден уште не е одреден, но лицето упатено во тоа прашање кажа дека средбата се очекува идната недела.

Анкара – Откако се урна деловна зграда во Малатија, на истокот на Турција, десет луѓе се заробени во урнатините, а 13 се спасени, јавија локалните власти. Како што пренесе телевизијата Хабертурк, вчера повеќе од два часа по почетокот на спасувачката акција десетина луѓе и понатаму биле заробени под урнатините.
– Дваесетина луѓе се наоѓале во зградата во време на несреќата, нешто пред 17 часот по локално време – кажа гувернерот на покраината Малатија, Ајдин Барус.

Москва – Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) уапси жител на Јалта на Крим поради шпионирање за украинската разузнавачка служба, соопшти прес-службата на ФСБ.
– Федералната служба за безбедност спречила активност на руски државјанин што шпионирал за украинската служба за безбедност. Судот во градот Јалта му одредил притвор како мерка забрана – пренесе руската агенција ТАСС.

Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа ќе ја пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, со која се очекува да разговара за повеќе теми, меѓу кои и за трговијата и превирањата во Западен Балкан. Средбата во Вашингтон доаѓа набргу откако Бајден и Фон дер Лејен се сретнаа за време на собирот на светските лидери на Г20 во Рим и климатската конференција на ОН во Глазгов.