Калуѓерки во цела Индија проговорија за сексуално злоставување во католичката црква во земјата, за свештеници кои ги присилувале на секс, за допирање и бакнежи.

Некои светски агенции, кои ја истражувале ситуацијата во Индија, дошле до заклучок дека калуѓерките трпат сексуално злоставување со децении.

Десетици калуѓерки го опишале сексуалниот притисок кој го трпеле, а повеќе десетици луѓе меѓу кои и други калуѓерки, поранешни калуѓерки и свештеници изјавиле дека знаеле оти се случуваат такви инциденти. Во најлошите случаи калуѓерките опишале зачестени силувања кои католичката хиерархија не ги заштитила на ниту еден начин.

Сепак, размерите на овој проблем се уште се нејасни затоа што никој не зборува јавно за проблемот.

Општиот молк по ова прашање беше прекинат минатото лето кога 44-годишна калуѓерка поднесе тужба во полиција против бискуп кој, според неа, ја силувал 13 пати во последните две години. Таа побарала тој да биде уапсен а нејзиниот чекор ја подели католичката заедница во Индија.

Поради тужбата, калуѓерката која ја поднесе и оние што ја поддржуваа завршија како прогонети. Тие биле одвоени од другите калуѓерки кои тврделе дека обвинетиот бискуп е невин. Сега избегнуваат да излегуваат надвор и редовно добиваат писма со закани.

Одбивањето свештеници за калуѓерките значи „избегнување“ на вековно старата сексуална и свештеничка традиција, наведуваат агенциите. Целибатот е темел на католичкиот религиозен живот, како и сексуалната чистота меѓу калуѓерките. Многу велат дека на калуѓерките кои ќе признаат дека ќе имаат сексуално искуство дури тоа и да било присилно, им се заканува изолација па дури и исфрлување од црквата.