Ново лице на теророт во Авганистан

Меѓу боиштата на Авганистан на површина се појави поопасна милитантна групација, која најави дека ќе формира нов калифат во Азија. Станува збор за авганистанско-пакистанска терористичка ќелија на ИД од провинцијата Хорасан, која главно е составена од џихадисти што имаат цел да создадат наднационален калифат со строг шеријатски закон

Опасната терористичка организација ИСИС, која со години го држеше светот под страв, од неодамна има нов наследник, од кого дури се плашат и авганистанските талибанци. Станува збор за ИСИС-К, милитантна група на Исламската држава, која е лоцирана во областите главно на Авганистан и на Пакистан, поточно во провинцијата Хорасан, поради што во името на групата ја имаат наставка „К“. Како што пишува угледниот магазин „Дејли мејл“, во моментов се верува дека оваа ќелија на ИСИС неодамна создаде хаос на аеродромот во Кабул со напад на американски и на британски војници и на западни сојузници. Според магазинот, безбедносните експерти веруваат дека вистинската закана во моментов не доаѓа од талибанците, туку токму од озлогласената ИСИС-К, од која покрај Западот, стравуваат и самите талибанци.

Најави за нов калифат

Групата е особено позната по објавувањето голем број објави со крвопролевање и ликвидации на интернет, што дополнително служи за регрутирање нови, радикализирани членови. Тие се особено активни при регрутирање млади луѓе што се нарекуваат „младина на калифатот“, а во едно такво видео можете да видите двајца млади луѓе што ладнокрвно ги ликвидираат обвинетите за шпионажа.

Кој е нивниот лидер

Во меѓувреме, според објавите во медиумите за оваа терористичка ќелија, прв водач на оваа група беше пакистанскиот талибанец Хафиз Саид Кан, како и неговиот шеф за односи со јавноста, шеикот Макбул. Тие беа задолжени да ја водат групата за изведување на крвавите терористички напади и беа назначени на овие позиции од тогашниот водач на целата Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади. Во почетоците, тие организираа помали напади, што сепак беа доволни да дојдат на црниот список на Пентагон, кој во 2016 година ги класифицира како терористички организации.

Лидерот на оваа групација, Кан, беше убиен во американски напад со беспилотно летало истата година, а потоа го наследи Абдул Хасиб, кој исто така организираше низа напади врз воени и цивилни цели. Хасиб, пак, беше убиен во напад на авганистанските специјални сили врз неговото засолниште во април 2017 година, пишува хрватски „Јутарњи лист“. Се верува дека сегашниот водач на групата е Шахаб ал Мухаџир, познат и како Санаула.

Групата се прегрупира по 2018 година, а стравот на Пентагон и на американскиот претседател Џо Бајден е основан, бидејќи Санаула е опишан како искусен герилец со искуство во организирање сложени напади, крвави масакри и герилски операции насочени кон протерување на сите странски „крстоносци“ од Авганистан.
Инаку, Белата куќа неодамна објави дека има информации дека ИСИС-К планира да организира бран напади за да ги осуети напорите за формирање влада во Авганистан. Колку е опасна ситуацијата говори и податокот дека американските вооружени сили и ЦИА изведуваат тајни операции со цел да ги евакуираат своите граѓани надвор од аеродромот во Кабул, односно дека е сѐ поголема заканата дека ИСИС-К ќе започне со серија терористички напади, како во Авганистан така и во светот, објави „Волстрит журнал“.


Обемното вооружување што го оставија САД и од него се откажаа авганистанските владини сили, сега може да се види во рацете на талибанските милитанти на улиците во Кабул. Многумина од нив ја заменија широкораспространетата пушка „калашников“ со американските „М16“ или понови автоматски пушки „М4“, а се движат со американски „хамви“ и комуницираат со помош на тактички радија „датрон“, наменети за авганистанската армија.
Во обид да се скрие обемот на оружје финансиран од САД што им беше дадено на чинија на бунтовниците, администрацијата на Бајден ги повлече ревизиите на авганистанската воена опрема од федералните портали, која беше платена од американските даночни обврзници. Од 2002 година, над 76 милијарди долари беа доделени или распределени за разни програми на американското министерство за одбрана за поддршка на авганистанската безбедност, според еден извештај на владиното биро за отчетност од август 2017 година. Меѓу 2003 и 2016 година, САД купиле и обезбедиле 75.898 возила и 208 авиони за авганистанската армија и безбедносните сили.
Поголемиот дел од напредната воена опрема запленета од талибанците не располага со сензитивна американска технологија, според генералот Џозеф Вотел, поранешниот началник на американската централна команда. Американски финансираните оружја би можеле да им дадат предност на талибанците, особено против бунтовниците во упориштата како долината Панџшир, која се наоѓа североисточно од Кабул, изјави Вотел за „Ројтерс“.