И покрај тоа што преговорите со Талибанците укажуваат дека ќе се постигне на прекин на огнот, една специјална единица на ЦИА најверојатно ќе продолжи да води војна од сенка, честопати на штета на обичниот народ

Форин полиси

Муезинот само што ги повика верниците на утринската молитва кога војници со пушки во рацете излегоа од пикапи марка „Тојота“, ја опколија куќата на Нур Воли Хан, ја срушија вратата и влегоа во темните соби каде што спиеше неговото семејство.
Неколку минути подоцна тие им ги врзаа рацете и нозете на сите и почнаа да истураат бензин врз единствениот автомобил на семејството. Хан (42) гледаше како му гори возилото, а неговите деца се криеја во собите кои напаѓачите ги оставија во хаос.

Ненадејниот напад беше дело на Единица заштита од Хост (КПФ), односно единица на авганистански војници кои се обучени, опремени и финансирани од страна на ЦИА кои дејствуваат генерално во источната провинција Хост. Главната мисија на американски предводените КПФ е да се елиминираат сите што имаат и најмала поврзаност со Ал каеда или Талибанците. Во интервју по нападот, Каис (29) командант во КПФ, кој знае да управува со дрон и побара да зборува под псевдоним, случајно изјави дека лично смета оти семејството на Хан е невино, но нападот бил еден вид на предупредување кое ЦИА му наредила да го спроведе.

– Нашата главна цел е да воспоставиме безбедност и да ја отстраниме талибанската закана во Хост – изјави тој додека пушеше цигара.

ЦИА не беше достапна за коментар на темата.

На преговарачката маса, војната со Талибанците се приближува кон официјален крај. Американскиот пратеник Залмај Калилзад објави на Твитер во понеделникот дека „бил постигнат одличен напредок“ што упатува на тоа дека наскоро ќе следи „склучување на можен договор со Талибанците што ќе овозможи услови за повлекување на американската војска“. Но во позадина ЦИА прави планови да остави платенички единици како џокер-карта што ќе го контролираат талибанското влијание во Авганистан по интервенцијата на НАТО и можеби дури и опстанокот на владата во Кабул, која во моментов не е дел од мировните преговори.

КПФ е најистакната од неколкуте елитни паравоени единици на ЦИА по должина на порозната граница со Пакистан кој е главен поддржувач на авганистанските Талибанци. КПФ беше формирана од паравојската во авганистанските воени сили и стана американски финансирана единица уште пред да биде формирана Авганистанската национална армија. Поради тоа што е долга границата меѓу Хост и Пакистан, една од главните задачи на КПФ е да ја обезбедува и да го спречи протокот на терористи. Иако почетокот на нивните операции беше во Хост, тие дејствуваат и во други провинции со голем број на Талибанци, како што се соседните Пактија, Газни и дури далечната Џаузџан, според Каис и други војници на КПФ кои разговараа со „Форин полиси“.

Што се однесува до целите, Каис вели дека КПФ само ги извршува мисиите кои ЦИА ќе ги нареди и кои треба да се засновани на цврсти разузнавачки материјали.

– Ние сме подобро обучени од Авганистанската национална армија. Хеликоптерите и дроновите им припаѓаат на САД, но ние постојано добиваме барања за обезбедување поддршка – изјави Каис.

Според него, ЦИА има најмалку 6.500 борци во Хост од кои повеќето учат како да управуваат со надзорни и напаѓачки дронови и како да извршуваат напади во домови, како оној врз семејството на Хан. (Еден американски поручник од воздухопловните сили вклучен во мисиите потврди дека Авганистанците се обучуваат да управуваат со дронови).

Хан, кој е селски старешина и земјоделец, изјави дека неговото семејство претрпело безброј вакви напади од страна на КПФ, кои локално се познати како офанзиви, кои тој ги опиша дека честопати ги извршуваат мешани тимови на Авганистанци и Американци.

– Можам од далеку да ги препознам по начинот на движење и формата на нивните тела. КПФ сè уништија. Тие нè обвинуваат дека сме поврзани со Ал каеда, но ништо од тоа не е точно – вели тој.

Двете страни, САД и Талибанците, го зголемија военото присуство за време на мировните преговори како начин за наметнување на дополнителен притисок. Талибанците ја презедоа одговорноста за експлозијата на еден автомобил-бомба пред една полициска станица во Кабул во средата, при што загинаа најмалку 14 лица. Во меѓувреме во државата, американските напади се зголемија за најмалку 15 отсто годинава, со тоа што само меѓу јануари и април беа извршени 2.011 напади.

Во првата половина од 2019 година, во воздушните напади загинаа 363 цивили, а беа повредени 156 лица, што претставува зголемување од 39 отсто во споредба со лани, според информациите од извештајот на ООН. Бројот на цивилните жртви на провладините сили, генерално настрадани во воздушните напади и упадите во домовите, го надминува оној на загинатите од страна на Талибанците. Во првата половина од годината речиси 4.000 Авганистанци беа убиени или ранети од која било страна.

Во Авганистан вообичаено е да има поделена лојалност во семејствата, со тоа што крвните врски се многу посилни од политичките ставови. Дваесет и осум годишниот Мухамед (чие презиме намерно не се наведува од безбедносни причини) е токму ваков пример. Тој пред пет години им се приклучил на КПФ и бил обучен од страна на ЦИА. Денес тој живее во преполна куќа заедно со 14-членото семејство меѓу кои има владин војник и чичко кој работи за мрежата Хакани, која се смета за една од најнасилните талибански ограноци.

Покрај критиките во изминатите неколку години, се зголеми целокупната поддршка на КПФ од провладините сили и некои поединци во Хост, а Обединетото Кралство и Франција сега финансиски ја поддржуваат групата, според информации на еден безбедносен претставник. Како засебна единица која не е во склоп на американската, ниту на авганистанската армија, КПФ и во иднина ќе продолжи да ја води својата војна од сенка. Секако и со понатамошна странска финансиска поддршка, покрај онаа на ЦИА, нејзината иднина ќе биде сигурна дури и ако се постигне договор меѓу САД и Талибанците.

Подготвила: Билјана Здравковска