Сложената сага што го зафати Вашингтон може да има последици врз идната претседателска изборна кампања

Фајненшел тајмс

Разговорот од 25 јули на Доналд Трамп со неговиот украински колега Владимир Зеленски се најде во екот на скандалот што го зафати Вашингтон во изминатите неколку дена. Сагата ја опфаќа Белата куќа, Киев и идната претседателска изборна кампања и откри разговори меѓу демократите за барање за импичмент на американскиот претседател.
Трамп се најде во центарот на вниманието откако вчеравечер „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ пренесоа дека американскиот претседател му наредил на шефот на кабинетот на Белата куќа да одложи воена помош за Украина од 391 милион долари што ги одобри Конгресот, само неколку дена пред, наводно, да му изврши притисок на Зеленски да отвори истрага за синот на Џо Бајден.

Сето ова започна на почетокот од месецов кога Адам Шиф, шефот на разузнавачкиот комитет во Претставничкиот дом, откри дека Џозеф Мегваер, актуелниот директор на американската национална разузнавачка агенција, намерно го спречил главниот инспектор да ја открие причина за жалбата на еден исвиркувач упатена до Конгресот. Не беше јасно дали Белата куќа или министерството за правда биле вмешани во одлуката за затајување на информацијата.

Американските медиуми предупредија за телефонскиот разговор помеѓу Трамп и Зеленски, во кој наводно американскиот претседател неколку пати побарал од неговиот украински колега да соработува со Руди Џулијани, личниот адвокат на Трамп, за истрагата на Хантер Бајден. Синот на поранешниот потпретседател добил профитабилна позиција во одборот на холдингот „Буризма“, која е украинска енергетска компанија, во 2014 година кога татко му сè уште бил на функција.

Трамп во неделата призна дека разговарал со Зеленски, но изјави дека „разговорот бил пријателски и не барал услуги“. Американските медиуми пренесоа дека Трамп дури осум пати побарал од Зеленски да соработува со Џулијани во истрагата за Хантер Бајден, а критичарите се сомневаат дека американскиот претседател ја искористил американската странска помош како дел од договорот за да му наштети на Џо Бајден во идната претседателска кампања. Вчера Трамп негираше дека паричната помош за Украина ја злоупотребил во истрагата за Бајденови. Џулијани изјави дека не може да биде „100 отсто“ сигурен дека американскиот претседател не се заканувал дека ќе ја прекине воената помош.

Трамп и Џулијани упатија низа обвиненија за активностите во Украина на синот на Бајден. Џулијани неодамна ја обвини Украина дека му дала три милиони долари испрани пари на Хантер Бајден, но не даде докази за неговото тврдење. Трамп наводно тврдел дека Џо Бајден ја притискал украинската влада да го разреши јавниот обвинител кој отворил истрага за „Буризма“, со цел да му помогне на синот. Точно е дека Бајден побарал разрешување и се заканил дека ќе стопира една милијарда долари во американски кредитни гаранции. Барањата на Бајден биле дел од пошироките напори на американските претставници во Киев, западните сојузници и меѓународните групи, како ММФ и Светската банка, да се справат со корупцијата во државата.

Хантер Бајден се повлекол од функцијата во „Буризма“ на почетокот од оваа година и не е присутен во претседателската кампања на татко му. Се очекува утре Трамп да се сретне со Зеленски на маргините на генералното собрание на ООН во Њујорк. Во Вашингтон Мегваер треба да се јави на сослушување, а демократите од Претставничкиот дом треба да дискутираат за украинскиот скандал.

Подготвила: Билјана Здравковска