Консултантската куќа „Најт Френк“ неодамна го објави годишниот извештај за најбогатите во кој се открива дека пандемијата на ковид-19 се исплатела најмногу за ултрабогатите во светот, со тоа што вредноста на нивниот посед скокнала поради ниските каматни стапки и фискалниот стимул. Вредноста на ултрабогатите во светот се зголемила за 2,4 отсто во однос на претходната година, со тоа што највисок раст е забележан во Азија со 12 отсто. Растечката нееднаквост сѐ повеќе се смета за една од најголемите закани за градењето богатство во иднина, а во многу делови од светот има тенденција на воведување закони за богатите. Со оглед на длабокиот јаз меѓу ултрабогатите и остатокот од светот, со колкава заработка се станува дел од најбогатите еден отсто во светот? Во Монако живеат луѓето со најдлабоки џебови, така што секој треба да има минимум 7,9 милиони долари на банкарската сметка. Швајцарија исто така е позната како богата држава, каде што со 5,5 милиони долари се станува дел од најбогатите еден отсто. Во САД живеат околу 180.000 ултрабогати, чие богатство лани изнесуваше на 30 милиони долари.
Во други делови од светот состојбата е поинаква, особено во земјите во развој. Иако Кина се очекува значително да ја зголеми заедницата на богатите, меѓу највисоките еден отсто се вбројуваат лица со заработка од 850.000 долари. Во Индија постепено расте супербогатото население, но прагот е драстично помал од тој во Монако, па така таму со 60.000 долари се станува богаташ. Но од „Најт Френк“ предвидуваат дека во наредните пет години овој праг двојно ќе се зголеми во Индија.