Најавените уставни реформи му овозможуваат на Путин пак да се кандидира за претседател во 2024 година. Приврзаниците сметаат оти тој обезбедува стабилност во турбулентни времиња, а критичарите велат оти е опасно власта да се концентрира во рацете на еден човек толку долг период

Рускиот претседател Владимир Путин стави потпис на уставните реформи што му овозможуваат да остане на власт до 2036 година. Граѓаните ќе гласаат за уставните амандмани на референдум на 22 април, а Уставниот суд ќе ги разгледа амандманите пред гласањето. Според сегашниот закон, Путин нема да може да се кандидира за претседател во 2024 година поради ограничувањата на мандатите, но измените би му дозволиле да се кандидира за уште два шестгодишни мандати. Приврзаниците велат дека Путин (67) ќе ѝ обезбеди стабилност на земјата во турбулентни времиња, а критичарите нагласуваат оти е опасно власта да се концентрира во рацете на еден човек толку долг период.

Како што посочува Геополитика, Путин бара легална основа за своите потези за да остане на власт по истекувањето на мандатот и ќе се обиде да ги обезбеди преку правниот процес пред да мора да се повлече од претседателската функција, истовремено користејќи ја сета моќ што му е на располагање.
Според Геополитика, има најмалку три фактори зошто Путин сака да остане на власт. Прво, со оглед на тоа што многу аналитичари предвидуваат нова глобална рецесија до крајот на 2020 година, која не се знае до кога ќе трае, Путин очигледно ќе има уште многу работа. Освен што е сѐ уште доста чувствителна на разни економски превирања, Русија исто така е уште и под сериозен санкциски притисок, на кој засега не му се гледа крајот. Некои аналитичари дури сметаат и дека санкциите ќе останат засекогаш против Русија бидејќи за западните земји, а пред сѐ САД, санкциите се дозволена форма на војна против Русија, зашто класичната воена форма не може да се примени без огромни ризици за сите страни. Како што деновиве посочи еден американски аналитичар, санкциите би завршиле кога Русија ќе престане да биде Русија.

Второ, имајќи предвид како се развива пандемијата на коронавирус и целата паника поврзана со неа, веќе е јасно дека овој фактор исто така ќе има многу негативни ефекти врз глобалната економија. Ако на тоа се додаде и неодамна почнатата „голема нафтена војна“ помеѓу Саудиска Арабија, Русија и САД, јасно е дека таа ќе биде само уште еден забрзувач на претстојната голема криза.
Трето, политичките и безбедносните кризи во светот не само што нема да се решат во наредниот краток рок (што би му овозможило на Путин да замине во политичка пензија по 2024 година), многу е веројатно дека тие ќе бидат заострени и ќе еруптираат во други делови на светот, вклучувајќи ги и оние што со децении биле „имуни“ на безбедносни кризи, како Европа.

Денес, според Геополитика, во Русија се поставува важното прашање, а тоа е што е поважно во моментот: самото инсистирање на зачувување на формалната демократија и нејзините принципи на правото и нивната непроменливост или зачувување на стабилноста на земјата и општеството во ера на тешко предвидливи, опасни глобално-геополитички и геоекономски процеси и растечки безбедносни кризи? Засега, одговорот на ова прашање главно се движи кон втората опција и таа ќе резултира со кандидирањето на Путин за нов претседателски мандат, по што тој ќе стане најдолговечен владетел на Русија во нејзината историја. Неговите приврзаници сметаат оти само Путин би можел да ѝ обезбеди стабилност на Русија во сегашните и претстојните турбулентни времиња, а најмалку што во моментот ѝ е потребно на државата е нова борба за власт, пресметки на елитите и внатрешна политичка дестабилизација.

Западните аналитичари посочуваат оти Путин неколку пати одбиваше дека сака да остане од власт, сакајќи да се претстави дека со двоумење го прифаќа предлогот „одоздола“ да остане на чело на државата. Путин, велат тие, ја истакна потребата за стабилност во „бурни“ времиња, посочувајќи дека Русија сè уште не е доволно развиена за промена на претседателот. Многу луѓе во Русија, според западните аналитичари, немаат проблем со таквиот став, зашто дури и да не го сакаат Путин, тој не им пречи премногу. Многу Руси го сметаат за силен лидер, кој може да му се спротивстави на Западот, нагласувајќи дека во моментот нема негови вистински алтернативи. Сепак, велат западните аналитичари, ваквиот потег не е без ризик за Кремљ, бидејќи целиот процес на уставни реформи се чини дека е фокусиран на обезбедување на можноста Путин да остане на власт, а тоа ѝ дава шанса на опозицијата да се спротивстави. Последен пат кога Путин го смени претседателското за премиерското место, па обратно, за да остане на власт, во Русија имаше масовни протести. Опозицијата се надева дека ќе може да ги увери Русите дека можноста Путин да остане на власт во своите осумдесетти е далеку од идеална и затоа се потребни промени.