Подготвил: Дејан Србиновски

Во време кога либанските власти дадоа четири дена да се утврди одговорноста за експлозијата во Бејрут, од која загинаа над 140 луѓе, а околу 5.000 лица се повредени, медиумските извештаи велат дека големото количество од опасната хемикалија што ја предизвика катастрофата најверојатно било растоварено години претходно од сомнителен брод, кој бил запленет од поморските власти

Додека загубите претрпени од стравотната експлозија во Бејрут се проценуваат на милијарди долари, а билансот на повредени и загинати од несреќата расте од минува во минута, либанските власти почнаа со пребарување на урнатините на пристаништето каде што се случи немилиот настан, за да ја пронајдат причината за големата детонација што го потресе главниот град на Либан во вторникот. Како што пренесуваат новинските агенции, либанската влада веќе им наредила на пристанишните службеници да бидат во куќен притвор, додека во јавноста се шири информацијата дека небрежноста кон 2.750 тони амониум нитрат во магацините на градското пристаниште е причина за несреќата.

Во таа насока магазинот „Њузвик“ пишува дека иако се навестуваат причините меѓу експертите за тоа што ја предизвикало несреќата, сепак сѐ уште е рано да се зборува за катастрофата што беше предизвикана од експлозија со сеизмички бранови еквивалентни на земјотрес со јачина од 3,3 степени. Според медиумот, либанските власти на големо работат на истрагата, а комисијата предложена од премиерот Хасан Дијаб треба да ги изнесе своите наоди во рок од пет дена.

Во меѓувреме, како што наведува магазинот, експлозијата предизвика бран шпекулации на интернет, со теории што опфаќаат од внатрешна саботажа до израелски воздушни напади, па дури и нуклеарна детонација. Претседателот на САД, Доналд Трамп, е меѓу оние што тврдат дека експлозијата била предизвикана од бомба, иако не откри никакви докази за да го поддржи своето тврдење. Тврдењето подоцна беше отфрлено од страна на либанските власти, кои подоцна соопштија дека изјавата предизвикала дури дополнителни проблеми во истрагата. Сепак, според „Њузвик“, се чини дека вистинската причина за катастрофалната експлозија се системската корупција и небрежноста што веќе долго време владеат во Либан, при што службените лица прават сѐ за да се збогатуваат по цена на безбедноста на народот.

Од друга страна, арапската медиумска куќа „Ал џезира“ објави дека високи овластени лица неколку години знаеле за опасноста на складираниот амониум нитрат во хангарот 12 на пристаништето во Бејрут и дека неговото присуство на пристаништето претставува потенцијален ризик за катастрофална несреќа. Медиумот посочува дека амониум нитратот бил запленет од руски товарен брод во септември 2013 година, кога танкерот се закотвил во Бејрут поради технички проблеми. Бродот првично бил упатен од Грузија кон Мозамбик, но никогаш не стигнал до целта. Како што наведува арапската новинска куќа, амониум нитрат е честа индустриска хемикалија што се користи главно за производство на ѓубриво, бидејќи е добар извор на азот за растенијата. Но, исто така, тој е и една од главните компоненти за производство на рударски експлозиви, а терористите го употребуваат во производството на бомби.

Како што пишува „Ал џезира“, откако хемикалијата била складирана во пристаништето, имало неколку обиди таа да се дислоцира на друго место.Едниот бил во 2014 година, кога тогашниот директор на либанската царина Шафик Мерхи испратил писмо до неименуван судија, барајќи решение. Предложените решенија во писмото вклучувале извоз на материјалот, негово предавање на либанската армија или продажба на либанска компанија за експлозиви. Сепак, на писмото, но и на другите обиди, официјалните лица никогаш не добиле одговор од судиите.
– Со оглед на сериозната опасност за чување на оваа хемикалија во хангар во несоодветни климатски услови, го реафирмираме нашето барање да побараме од морската агенција веднаш да ги извезе или продаде овие производи за да ја зачува безбедноста на пристаништето и на оние што работат на него – се вели во писмото на кое никогаш не стигнал одговор.

Во исто време иако за многумина е прерано да размислуваат за влијанието што ќе го има експлозијата врз нивните животи, аналитичарите велат дека бесот кон одговорните ќе предизвика голем политички потрес.
– Очекувањата се дека по ова, кога ќе почне истрагата за тоа кој е одговорен, тоа ќе произведе нов хаотичен проблем, затоа што нема речиси никаква доверба меѓу либанските граѓани и властите – вели дописникот на ДВ од Бејрут Разан Салман.
Според него, ова е дополнение на економската криза во која се наоѓа Либан од октомври минатата година. Инаку, пред експлозијата, во Либан се очекуваше пресудата на меѓународното судење против осомничените убијци на поранешниот премиер Рафик Харири. Пресудата ќе создадеше дополнителни политички тензии во земјата, која веќе врие од незадоволство и протести против актуелната политика и корумпираните политичари. Но пресудата во меѓувреме беше одложена за 18 август.