Претседателот на САД има на располагање нуклеарки, кои се попрецизни и кои можат да се употребат против релативно помали цели: тестирање на „Б61-12“

Благодарение на надградбите на американските нуклеарни системи извршени за време на мандатот на Барак Обама и неодамнешните промени во протоколот на Пентагон, актуелниот претседател Доналд Трамп може многу полесно да нареди тактички нуклеарен напад некаде во светот

Мнозинството луѓе повеќе сакаат да ја игнорираат ужасната идеја дека едно лице со само една единствена наредба може да предизвика нуклеарен Армагедон. Дури и кога размислуваме за тоа, сè уште размислуваме во рамката останата уште од времето на Студената војна – дека нуклеарните напади треба да бидат големи. Тие треба да уништат цели градови и да убијат милиони луѓе. Всушност, точно е токму спротивното. Американската нуклеарна доктрина ги зголемува шансите некој претседател да падне во искушение да го притисне нуклеарното копче како одговор на ненуклеарен напад. Денес тоа е многу полесно, пишува за американскиот магазин „Политико“ Марк Амбиндер, уредник и автор на книга за нуклеарни војни.

Според Амбиндер, не треба да се заборави фактот дека американското нуклеарно копче во моментот е во рацете на избувливиот претседател Доналд Трамп. Новинарот Боб Вудворд во својата книга за Трамп опиша ситуација во која претседателот на САД, реагирајќи на обвиненијата дека сирискиот претседател Башар ал Асад извршил хемиски напад врз цивили, му наредил на секретарот за одбрана Џејмс Матис да го ликвидира Асад. Според Вудворд, Матис ја игнорирал командата или не ја сфатил сериозно и наместо тоа му понудил на Трамп поограничени опции.
Тоа е едно од пошокантните откритија на Вудворд, во голема мера поради фактот што секретарот за одбрана одбил да послуша директна наредба од врховниот командант. Но за безбедносните експерти има уште едно, пострашно толкување на настаните што се случиле во просторијата, а тоа е дека нападот можел да биде нуклеарен.

Благодарение на надградбите на американските нуклеарни системи извршени за време на мандатот на претседателот Барак Обама и неодамнешните промени во протоколот на Пентагон, американскиот претседател како никогаш досега може многу лесно да нареди тактички нуклеарен напад некаде во светот. Познато е дека актуелните американски планови за нуклеарна војна предвидуваат сценарио во кое претседателот наредува ограничен нуклеарен напад за да ги одврати актерите што сакаат да развијат и употребат оружје за масовно уништување. Сарин спаѓа во ова оружје, па значи Сирија е едно од можните сценарија во кои би имало наредба за ограничен нуклеарен напад.

Клучните прашања во наредбата на Трамп против Асад не се дали претседателот е способен или дали тој ја има лојалноста на својот кабинет. Уште побитно прашање е зошто претседателот на САД, без разлика кој ја извршува функцијата, сѐ уште има неограничена надлежност да нареди нуклеарен напад. Ова прашање е многу битно бидејќи се променија протоколите за нуклеарен напад. До неодамна, на прво место беа опциите за големи напади, односно планови за напади насочени кон другите светски сили. На пример, во таков случај би можело да се бара во секундарен удар да се уништат сите поголеми руски нуклеарни капацитети или да се уништи кинеската индустриска база. Овие грандиозни планови главно беа дизајнирани за да имаат заплашувачки ефект, односно да ги обесхрабрат главните ривали на САД да повлечат каков било потег што би бил спротивен на американските интереси. Нападите тогаш би биле колосални, со лансирани интерконтинентални балистички проектили со нуклеарни боеви глави. Во секундарниот напад би се активирале нуклеарките од подморниците или од бомбардерите ако случајно непријателот успее да ги уништи ракетите. Имајќи ја предвид моќта на непријателите, една од најголемите препреки за нуклеарен напад досега беше можноста од грешка и потенцијалните милионски жртви. Сето тоа беше дел од стратегијата на заплашување.

Кон крајот на Студената војна, беше додадена нова група непријатели, актери што се обидуваат да развијат оружје за масовно уништување, меѓу кои и помали режими, кои би можеле да развијат сопствено нуклеарно, биолошко или хемиско оружје. Северна Кореја, Сирија или Иран би можеле да бидат цел на ограничен напад. Нуклеарниот напад врз некоја од овие држави можеби нема да предизвика одмазда како напад врз некоја суперсила, но и понатаму има потенцијал за ужасни жртви. Кој било „ограничен“ напад би предизвикал жртви и тоа би требало да биде препрека за претседателот.

Но денес американскиот нуклеарен арсенал изгледа многу поинаку од претходно, па така се зголемуваат и сценаријата за ограничени нуклеарни напади. Арсеналот што претседателот Трамп го има вклучува нуклеарни бомби, како „Б61-12“, кои имаат системи за прецизно наведување и технологија со променлива јачина. Овие подобрувања значат дека нуклеарките можат да се користат против релативно помали цели. Тие, исто така, ја зголемуваат веројатноста дека еден претседател може да падне во искушение да употреби нуклеарка. Во моментов технологијата за нуклеарно оружје е толку напредната што претседателот можеби нема да најде многу причини што ќе го одвратат од намерата да го употреби. Ако тој биде уверен дека радиоактивните ефекти се минимални, заканата за цивили е помала, а планот е прецизно скроен за целта што треба да се уништи, тогаш многу од обесхрабрувачките фактори ќе отпаднат.

Според сегашните нуклеарни планови, претседателот на САД може во рок од осум часа да нареди употреба на нуклеарно оружје врз кое било место на планетата. Претседателот може сам да ја издаде оваа наредба без да се консултира со секретарот за одбрана, советникот за национална безбедност или генералите. Ако навистина постојат сили во актуелната администрација на САД што сакаат да ја спречат волјата на Трамп од патриотски или од предавнички причини, тогаш навистина треба да се искористи овој период за да се постават клучни прашања. Дали е етички претседателот на САД да може да издаде наредба за нуклеарен напад без да се консултира со некого? Можен ли е подобар систем?

Американскиот нуклеарен систем денес е побезбеден од претходно, но не е доволно безбеден колку што сакаат генералите. На пример, генералот Робин Ранд, во март пред Конгресот рече оти нуклеарните капацитети се „атрофирани“. Клучните системи за предупредување имаат недостатоци. Новата технологија е поподложна на сајбер-напади. Прашањето сега е под кои услови Американците би сакале претседателот сам да може да нареди нуклеарен напад? Конгресот ретко говореше за условите под кои би се извршила оваа надлежност. Иако секој во армијата може да одбие да изврши нелегална наредба за напад, има многу малку насоки како изгледа таа.

Обама, според Амбиндер, тешко можеше да си замисли дека треба да посвети повеќе време на законите и правилата што ќе ја уредуваат употребата на овие оружја, бидејќи тој не можеше да замисли дека САД ќе изберат толку непредвидлив претседател. Бидејќи се случи тоа, според Амбиндер, време е да се побара во најитните ситуации, шефот на Белата куќа да се консултира со одредени членови на Конгресот во процесот на одлучување дали да почне дури и ограничен нуклеарен напад. Конечно, ако претседателот на САД реши да ја игнорира волјата на Конгресот, тогаш барем ќе биде принуден да го стори јавно тоа. Тогаш граѓаните нема да можат да ја игнорираат идејата дека егзистенцијален ризик не е само ширењето на нуклеарките туку и нивната надградба во уште попрецизни и посмртоносни оружја, што еден ден може да го натераат претседателот да ги употреби.


Зошто Обама е виновен

Барак Обама, кој повикуваше на свет без нуклеарно оружје, се чини дека е одговорен за опасната леснотија со која може да се нареди нуклеарен напад. Тој во 2010 година го убеди Сенатот да усвои договор за нуклеарно оружје со Русија, но во политичката трговија за обезбедување поддршка тој всушност дозволи надградби на нуклеарниот арсенал од стотици милијарди долари, што ги зголемија шансите еден ден некој негов наследник да го притисне нуклеарното копче. Обама во вториот мандатот сакаше да почне сериозна јавна дебата за тоа како нуклеарното оружјето може да се користи и кој легитимно може да ја одобри неговата употреба, но на крајот не успеа во намерата.