Карлос Гон

Зад секој корпоративен пуч стои итар организатор. Во „Нисан“ тоа беше Хари Нада, инсајдерот познат по неговите агресивни тактики, љубовта кон цигарите, француските кошули и силниот парфем, пишува „Блумберг“.

Вишиот потпретседател на компанијата ја оркестрираше кампањата за апсење и за симнување од престолот на тогашниот претседател Карлос Гон, познат како кралот на автомобилската индустрија, кон крајот на 2018 година, врз основа на криминални обвинувања за лошо финансиско работење. Исходот беше непријатен. Високопрофилни кариери беа уништени, а менаџментот остана во хаос. „Нисан“ губи милијарди долари, додека неговото сојузништво со „Рено“ и со „Мицубиши“ е доведено во ризик. Во меѓувреме, Гон веројатно нема да се соочи со правдата во Јапонија откако избега во Либан кон крајот на минатата година.

Славниот бизнисмен Гон го спаси „Нисан“ од пропаѓање на почетокот на 2000-те години. Но во корпорациската драма во повеќе чинови, водечката улога му припаѓа на Нада (56), според истрагата на „Блумберг“ врз основа на десетици разговори, видео-материјал и врз досега необјавени документи на компанијата.

Токму „Блумберг“ во јуни пишуваше дека Нада и група од водечките луѓе на „Нисан“ загрижени поради напорите на Гон за засилување на сојузништвото со „Рено“ спровеле методична кампања за симнување на Гон од престолот, речиси една година пред неговото апсење во Токио.

Сега, новите информации прикажуваат слика за подготвеноста на Нада и на неговите сојузници за остранување на Гон од функцијата, расчистување на сметките и за носење на важни бизнис одлуки, без голема претпазливост. Заминувањето на Гон од алијансата која ја создаде, го разбранува бизнис-светот и ги потресе темелите на три големи автомобилски брендови. А постапките на Нада кој останува советник во „Нисан“ го прогонуваат производителот на автомобили и неговите партнери до денес.

Нада организираше хакирање во компјутерските системи на „Нисан“ и на службениот мејл на Гон, без да ги информира водечките луѓе во компанијата. Ова се случило неколку месеци пред да почне да соработува со обвинителите кои подоцна го уапсија Гон, според вработените во ИТ-секторот во „Нисан“.

Гон потоа го организираше своето бегство од Јапонија во декември минатата година, откако беше пуштен со кауција. Тој беше пренесен до приватен авион, криејќи се во сандак за мзичка опрема во текот на акцијата за бегство финансирана со 1,4 милиони долари во криптовалута.

Додека Гон инсистираше дека е невин за обвиненијата со кои се соочува, велејќи дека е жртва на пуч, јасно е дека тој уживаше голема моќ во „Нисан“. Менаџерите, дури и оние на највисокото ниво, не можеа да ги доведуваат во прашање неговите постапки. Обвинет за непријавување на околу 140 милиони долари, како и злоупотреба на финансиските средства на компанијата и префрлање на милиони долари на тајни сметки за сопствени цели, Гон уште има многу прашања на кои треба да даде одговор за времето поминато на водечката функција во „Нисан“.

Новите откритија укажуваат дека превирањата во „Нисан“ и махинациите на Нада не завршиле со падот на Гон. Останува нејасно до кои информации дошол Нада или како ги искористил. Но, преку добивањето пристап до мејловите на „Нисан“ и на неговите сојузници од автомобилската индисутрија, без да ги информира безбедносните служби, сите податоци стануваат сомнителни. А нивниот кредибилитет може да биде доведен во прашање на суд.

Иако е јасно дека Нада е длабоко вмешан во обвинувањата против Гон поради неговиот договор за соработка со обвинителите, тој продолжил со спореведување на интерна истрага, според „Блумберг“.

Производителот на автомобили кој Нада се обидуваше да го одбрани сега се наоѓа во неизвесна ситуација, кратејќи ги трошоците. „Нисан“ е седморангиран според уделот на глобалниот пазар во автомобилската индустрија, зад „Хјундаи и „Форд“, според податоците на „Блумберг“. Односите во алијансата остануваат затегнати кога е потребна соработка за надминување на незабележаните предизвици во пандемијата. А Гон денеска е сметан за меѓународен бегалец од страна на Јапонија и допрва треба да ја соопшти одбраната против обвиненијата со кои се соочува.