Иран бара апсење на американскиот претседател поради атентатот врз Касим Сулејмани

Иран издаде налог за апсење на американскиот претседател Доналд Трамп и на десетици други американски официјални лица, барајќи помош од Интерпол при нивното приведување, поради атентатот врз генералот Касим Сулејмани кој загина во американски напад со дрон во јануари, пренесува „Њузвик“.

Убиството на Сулејмани во близина на меѓународниот аеродром во Багдад на 3 јануари се случи кога имаше големи тензии помеѓу САД и Иран со што двете држави безмалку беа вовлечени во војна.

Иранскиот обвинител Али Алкасимер кажа дека Трамп и уште 35 лица се соочуваат со обвиненија за „убиство и за тероризам“, според иранските медиуми. Акасимер не ги идентификува другите обвинети но соопшти дека Иран ќе бара покренување на обвиненија дури и доколку Трамп биде поразен на претстојните претседателски избори во ноември.

Алкасимер посочи и дека Иран побарал издавање на „црвена потерница“ за Трамп и за другите обвинети. „Њузвик“ контактираше со Интерпол по повод на барањето на Иран. Мала е веројатнста дека меѓународната организација со седиште во француски Лион ќе му помогне на Техеран, со оглед дека нејзините прописи забрануваат „интервенција или активности од политичка природа“.

Секој налог за апсење на Интерпол е спроведуван од локални полициски власти, со што акцијата против Трамп врз основа на барањето на Иран е невозможна. Потерниците на Интерпол не можат да ги принудат националните полициски сили да уапсат или екстрадираат осомничени. „Црвената потерница“ служи за известување за барани лица на меѓународно ниво, а не за меѓународен налог за апсење. Повеќето „црвени потерници“ не се јавни.

Иранското барање е симболично, со цел да ги одржи напорите на Техеран да ја претстави администрацијата на Трамп како криминална и некомпетентна.