Тужбата на Јохан Гуденус, доскорешниот втор човек на Партијата на слободата на Австрија (ФПО), против лицата кои стојат зад изработката на видеоснимката од Ибица поради која ФПО мораше да излезе од владата и да предизвика криза во државата, отвори ново прашање – која е улогата во целата ситуација на пријателката на сопругата на Гуденус.

На снимките може да се забележи и слушне како поранешниот лидер на ФПО Хајнц-Кристијан Штрахе на наводна внука на руски милијардер и нуди вработување во државна служба, а за возврат бара финансиска поддршка за неговата партија.

Во тужбата која ја поднел адвокатот на Гуденус, се укажува дека неговиот прв контакт со наводната Русинка, за која подоцна се испостави дека е студентка од Босна, бил воспоставен во јануари 2017 година преку пријателка на Тајана Гуденус. Тајана е Австријка со српско потекло, која работи со продажба на недвижнини.

Пријателката и пришла на Тајана со приказна за богата Русинка која е заинтересирана за недвижнините на семејството Гуденус во австриски Кремстал.

Во март 2017 година, пријателката на Тајана организирала вечера на која се запознала со семејството Гуденус, наводната Русинка и нејзинот партнер кој исто така навел лажен идентитет, а кој подоца се испостави дека е детектив, како и еден адвокат од Виена, луѓе кои стојат зад целата завера.

Гуденус, како што се додава во тужбата, поверувал во идентитетите на соговорниците бидејќи наводната Русинка на состанокот дошла со шофер и со многу скап во автомобил „мерцедес мајбах“.

Згора, и пријателката на Тајана уверувала дека станува збор за богата Русинка, како и дека наводно присуствувала на префрлање на седум милиони евра на сметката на виенскиот адвокат.

Поради фактот што таа трансакција не постои, адвокатот на Гуденус, Хајнц Шиманко, сега го поставува прашањето дали пријателката на Тајана е соучесничка во целата завера поради која Штрахе и Гуденус мораа да поднесат оставки на сите политички функции, а сега се и под истрага за можни кривични дела.

Во април 2017 година, Русинката дошла да го види имотот, а подоцна имало и повеќе состаноци, од кои на еден од нив адвокатот ветил трансфер на пари. Гуденус од продажбата на недвижниот имот планирал да заработи 15 милиони евра.

Истовремено, „пријателот“ на Русинката останал во контакт со Гуденус и договорил средба со Штрахе на Ибица, соопштувајќи му на вториот човек не ФПО дека Русинката сака да инвестира во австриската економија.

Целата средба, која траела седум часа, снимена е со камери, а поради понудата за нелегално финансирање на партијата, „паднаа“ Штрахе и Гуденус.

Адвокатот од Виена кој стоел зад целата завера, по објавите на дел од материјалите од случајот, соопшти преку неговиот правен застапник дека станувало збор за „истражувачки проект“, негирајќи дека со снимките го уценувал Гуденус.

Со тужбата, Гуденус сака да го добие целиот видео-материјал, со цел да се уништат сите копии и да дознае колку пари организаторот заработил од целата хајка, пренесе „Танјуг“.