Истражување на интернет-порталот „Глобал фајерпауер“ за моќ на војските

Интернет-порталот „Глобал фајерпауер“ неодамна објави листа на 140 земји рангирани според нивната воена сила за 2021 година. На листата за воената моќ на државите, Македонија оваа година е позиционирана на 133-та позиција. За потсетување, Македонија досега само пет пати беше вбројувана во рангирањата на „Глобал фајерпауер“. Првпат во 2017 г. сајтот ја рангираше нашата војска на досега највисокото 116-то место на листата на држави. Наредната 2018 година, АРМ беше сместена пониско за шест позиции, односно беше поставена на 122-то место на табелата. Во 2019 година, АРМ беше сместена пак на 118-то место, додека лани таа беше позиционирана на 127-то место на листата на „Глобал фајерпауер“. Во меѓувреме, познавачите на случувањата, иако очекуваа во новото рангирање нашата земја да се најде повисоко на табелата, бидејќи и официјално АРМ стана дел од НАТО, иако тоа во практична смисла на зборот го зголемува индексот на моќта на нашата војска на глобално ниво, сепак и оваа година до тоа не дојде.
Во меѓувреме, според сајтот, најмоќна армија во моментов во регионот е Србија, која се наоѓа на 61-то место. Потоа следуваат Хрватска на (63-то место), Словенија (88), Албанија (113), БиХ (121), Црна Гора (123), Македонија (133) и Косово, кое првпат се најде на листата и ја зазема 139-та позиција.
Засега остануваат непроменети лидерските позиции според моќта на армиите, каде што војската на САД и натаму е најмоќната во светот. По неа следуваат Русија на втората позиција и Кина на третото место. Инаку, според она што е напишано во описот на сајтот, рангирањето е извршено според единица мера наречена индекс на моќ, која произлегува од комплицирани пресметки добиени од информации од јавни извори, како што се веб-порталот на ЦИА, социјалната мрежа Фејсбук, интернет-енциклопедијата Википедија и други. Во рангирањето не се земени предвид нуклеарните способности на оценуваните држави.


Хронологија на рангирањата на АРМ

Година и позиција на табелата

2021        133.
2020        127.
2019        118.
2018        122.
2017        116.