Многу деца низ светот ја прескокнаа својата прва вакцинација против заразните болести за кои има лек

Повеќе од триесетина држави низ светот во моментов ги прекинале своите активности и здравствени зафати против сипаници, но и против детска парализа, поради појавата на пандемијата на коронавирус. Според УНИЦЕФ и СЗО, во моментов поради тоа околу 180 милиони луѓе се изложени на ризик од смрт од опасните сипаници токму поради пренасочувањето на фокусот на владите кон справување со коронавирусот

Поради ковид-19, влади на повеќе држави го игнорираат лекувањето од детска парализа, сипаници, сезонски грип…

Пандемијата на коронавирусот не само што ги наруши основите на јавното здравство во светот туку истовремено повеќе влади, односно јавното здравство во голем број држави ненамерно потфрли во спречување на ширењето на веќе познатите зарази за кои постојат лек и вакцина. Имено, повеќе истражувања на оваа тема во последно време говорат дека начинот на работењето на владите низ светот во насока на спречување на ковид-19, низ призмата на севкупната здравствена заштита, во моментов е крајно опасен и алармантен за човештвото. Особено во земји чии влади ги игнорираат болестите за кои има лек и вакцина, како што се детската парализа, сипаниците и сезонскиот грип. Угледниот американски весник „Вашингтон пост“ пишува дека околу триесет земји во светот во моментов ги имаат запрено своите кампањи против сипаници и другите заразни болести поради појавата на пандемијата, каде што во осумнаесет од нив веќе пријавиле присуство на нови епидемии. Како што наведува електронското издание на весникот, дополнителни тринаесет држави веќе размислуваат за одложување на ваквиот чекор, односно повторно вакцинирање на населението од сипаници поради коронавирусот.
– Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ велат дека во моментов околу 180 милиони луѓе низ светот се изложени на ризик од смрт од опасните сипаници токму поради пренасочувањето на фокусот на владите кон коронавирусот – наведува „Вашингтон пост“.

Весникот објаснува дека полека, како што се обидуваат државите да ја контролираат пандемијата, СЗО и други меѓународни здравствени организации за заштита на јавното здравје сѐ поотворено ги повикуваат земјите внимателно да продолжат со вакцинацијата на своето население додека се борат со коронавирусот.
Во меѓувреме, во новиот извештај на фондацијата „Гејтс“ е оценето дека пандемијата на коронавирусот го запре напредокот на глобалното здравје и доведе милиони луѓе во опасност од фатални болести и сиромаштија.
– Како резултат на пандемијата, екстремната сиромаштија се зголеми за 7 проценти, а покриеноста со рутински вакцини паѓа на нивото што последен пат беше забележано во 1990-тите години – се наведува во извештајот на фондацијата „Гејтс“ што го следи напредокот на целите на одржливиот развој на Обединетите нации за намалување на сиромаштијата и за подобрување на здравјето на глобално ниво.
Фондацијата во исто време вели дека тоа е голем чекор назад. Падот на стапките на рутинска имунизација во извештајот е опишан како „пресврт на светот од околу 25 години за 25 недели“. Исто така, се покажало дека пандемијата ги намалила и стапките на рутинската имунизација, зголемувањето на нивото на сиромаштија, каде што економската штета од пандемијата ги зајакнала и нееднаквостите во општествата.
– Имунизацијата досега се покажа како една од најмоќните и основни алатки за превенција од болести во историјата на јавното здравство. Нарушувањето на таквиот процес и префрлањето на ресурсите за спречување на пандемијата на ковид-19 може да ги уништи децениската работа и напредокот против болестите што може лесно да се спречат со вакцини, како што се сипаниците – објаснува д-р Тедрос Адхнам, генерален директор на СЗО.

Според него, постојат многу пречки за рестартирање на овие потреби за населението, бидејќи здравствените работници сѐ повеќе работат со полно работно време во насока на спречување на ширењето на ковид-19, што е предизвикано од коронавирусот.
Паралелно на ова, неодамна високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Мишел Бачелет, изјави дека во земјите со слаби оценки за човекови права пандемијата на коронавирусот, покрај нарушувањето на здравствениот систем, дополнително ја влошува состојбата во оваа сфера. Бачелет смета дека акцијата заснована на правата треба да биде дел од закрепнувањето од кризата.
– Со ковид-19, брзата и глобална здравствена криза се судри со многу побавни и позасилени политички, социјални и економски кризи низ целиот свет – наведе високиот комесар Бачелет пред Советот за човекови права на Обединетите нации.