Разликата меѓу големите амбиции и ограничените можности на еден воен лидер е најголемата пречка за решавање на војната во Либија

Индипендент

Автори: Борзу Дарагахи и Бел Тру

Тој се претставува како цврст, разумен војник кој ја формираше државната армија од остатоците од либиските безбедносни сили по соборувањето на долгогодишниот диктаторски режим на Моамер Гадафи, и е единствениот кој може да го врати редот во поделената северноафриканска држава.

Кога либискиот воен лидер Халифа Хафтар се соочи со критиките Питер Милет, кој беше британски амбасадор во Либија до 2018 година, за ѕверствата на бојното поле што ги извршиле неговите заменици, на пример, убивањето на затвореници, се очекуваа брзи резултати во решавањето на овој проблем. Но, на ова се спротивстави семоќниот фелдмаршал, титула која му беше доделена од источнолибискиот парламент, притоа додавајќи дека „не ги контролира сите групи под негова команда“.

Разликата меѓу големите амбиции и ограничените можности на Хафтар сега се покажа како главен проблем за ставањето крај на жестоката војна во Либија, која ги вовлече и светските сили. Овој конфликт девет месеци се закануваше да се прошири и во најнаселените области во државата и притоа во него да загинат и да бидат повредени илјадници лица, што можеше да резултира со нов наплив на бегалци во Европа.

Изминатиот викенд, Хафтар и неговиот ривал Фајез ал Сараж, премиерот на либиската влада призната од ОН, беа во посета на Берлин, наговорени од лидерите на Русија, Египет, Турција и Франција, како и претставници од други држави, за да склучат примирје што може да доведе до трајна спогодба. Двајцата одбија да се сретнат, но во неделата беше прогласено несигурно примирје кое сè уште трае.

Но оние што го познаваат 77-годишниот поранешен жител на Вашингтон, велат дека Хафтар само купува време додека ги јакне своите сили и меѓународната поддршка во обидот да ја приграби целосната контрола. Тој речиси шест години постојано водеше војна за да ја добие контролата врз државата и успеа да убеди неколку регионални и светски сили да ја поддржат неговата кампања, или да му обезбедат ресурси со ветувања за брзи и лесни победи кои ретко се остваруваат.

Џонатан Винер, поранешниот американски пратеник во Либија, кој воедно честопати се среќаваше со Хафтар, жестоко го критикуваше на социјалните медиуми дека ја „уценува“ државата со тоа што решил да го блокира либискиот извоз на нафта, кој е главниот двигател на економијата. Оливие Гита, либиски експерт на чело на консултантската фирма „Глобалстрат“ со седиште во Лондон, вели дека „виновни се двете страни, односно оти главните проблеми не се само либиски, туку и светски. Ниедна од двете страни нема да се предаде затоа што има преголем влог“.

Хафтар ги соопшти условите неопходни за да се стави крај на борбите што се еднакви на целосна капитулација на неговите непријатели. Со тоа што неговите непријатели ги опишува како збир на терористи и криминални банди, тој инсистира владата во Триполи со национален договор да ги распушти сите вооружени групи, кои сега го штитат главниот град од неговите борци и да дозволат неговите сили да влезат во него пред да започнат преговори за нова влада.

Поранешни претставници тврдат дека Хафтар не може да ги исполни големите ветувања, дека неговиот проект во суштина е неостварлив и само ќе предизвика поголем хаос во земјата. Дури и новото име на неговата армија, Либиско-арапски вооружени сили, укажува на шовинистички проект што ќе ги подели, наместо да ги обедини Либијците. Винер вели дека „граѓаните на западна Либија нема да се согласат да бидат под власт на еден диктатор. Дури и да смета дека може да го освои Триполи, тој нема да го задржи, затоа што нема доволно Либијци што ќе го контролираат градот во негово име“. Притоа додава дека „психолошки гледано, тој е обичен војник, затоа што не верува во демократските или политичките процеси или, пак, во компромиси. Неговата цел е да има целосна контрола врз Либија, дури и врз нафтениот извоз“.

Во борбата против напливот на исламисти во Либија, Хафтар им се додворуваше на истомислениците во Египет и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) кои го снабдија со оружје и логистичка поддршка. Русија, која сака да го наметне влијанието во северна Африка, му испечати пари што придонесоа за брзата инфлација во Либија. Франција му обезбеди углед на можен лидер на државата. Француските специјалци дејствуваат заедно со Хафтар во борбата против насилниот екстремизам на истокот и југот во земјата уште од 2014 година.

Но со регрутирањето на странска поддршка, Хафтар исто така ги налути моќните противници. Турција стана најсилен поддржувач на владата во Триполи, распореди воен кадар, сириски борци и најсовремена воена опрема како одговор против оружјата и платениците на ОАЕ и Русија. Алжир, кој е најмоќната воена сила во северна Африка, исто така е непријателски настроен кон Хафтар и го гледа како агент на египетското влијание по источната граница.

Сега тој ја сврти страницата и е оној кој ги предаде светските лидери. Хафтар постојано ги поткопуваше мировните иницијативи, ги понижи домаќините во Франција, Италија и неодамна во Русија, каде што го налути Владимир Путин со тоа што ги отфрли преговорите со Москва.

Превод: Билјана Здравковска