Индиски Њу Делхи се наоѓа на врвот на листата на најзагадени светски градови, трет ден едноподруго. Нивото на ПМ10-честичките утрово достигна 399, со што овој град е речиси двојно позагаден од Калкута, која се наоѓа на второто место на оваа листа.

Квалитетот на воздухот во Њу Делхи, чиј вкупен индекс утрово изнесуваше 408, и натаму останува во категоријата на „сериозна загаденост“, а маглата предизвикана од чадот со денови е надвисната над градот. Сето ова, во голема мера го доведува во опасност здравјето на жителите, пишува „Индија Денес“.

Граѓаните и дел од лекарите, поради алармантната состојба, ги повикаа властите да ги затворат училиштата и да ги откажат спортските настани на отворено, но заменик-министерот задолжен за Њу Делхи, Маниш Сисодија, изјави дека одлуката за затворање на училиштата ќе биде донесена „кога за тоа ќе се појави потреба“.

Со оглед на опасното ниво на загаденост во градот, лекарите апелираа граѓаните да преземат мерки на претпазливост, вклучително и носење маски за лице, избегнување прошетки во раните утрински и во доцните вечерни часови, кога концентрацијата на загадувањето е највисока.

– Се наоѓаме во состојба на здравствена тревога. Денеска белите дробови се далеку поцрни отколку пред 20 години – нагласи Деш Дипак, главниот пулмолог во болницата „Махор Лохија“.

Експерти велат дека проблемот се влошува како резултат на неповолната брзина на ветрот, што доведува до акумулирање на загаденоста.

И Македонија се соочува со проблемот на енормна загаденост. Скопје вчера беше трет најзагаден град на планетата, котирајќи високо на листата на градови со најзагаден воздух во текот на изминатава недела. С.Ку.