Доколку биде постигнат напредок, планот на јужнокорејскиот лидер Мун Јае-ин вклучува основање и развој на трите економски појаса, кои ќе ја поврзат Јужна со Северна Кореја, а потоа со Кина и Русија, пишува „Блумберг“.

Долгоочекуваниот самит помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун месецов го засили фокусот на бенефициите од евентуалното вклучување на Северна Кореја во еден од најдинамичните економски региони во светот. Сѐ уште не е постигнат официјален крај на Корејската војна, а договорот за денуклеаризација не бил никогаш олку на дофат во изминатите децении. Доколку биде постигнат напредок, планот на јужнокорејскиот лидер Мун Јае-ин вклучува основање и развој на трите економски појаса, кои ќе ја поврзат Јужна со Северна Кореја, а потоа со Кина и со Русија, пишува „Блумберг“.
Еден од првите чекори ќе биде повторно отворање на железницата и патиштата помеѓу Јужна и Северна Кореја, чекор што Мун и Ким веќе го договорија во текот на нивниот самит во април. Подобрената инфраструктура исто така ќе ѝ помогне на Северна Кореја да ги отстрани бариерите за монетаризирање на нејзините минерални ресурси, вклучувајќи ја застарената и неразвиена транспортна мрежа и големиот недостиг од енергија.

Тоа, пак, ќе го отвори патот кон експлоатација на големите минерални резерви на северот, кои во 2013 година се проценуваат на 6.000 милијарди долари. Во земјата исто така се наоѓаат и едни од најголемите наоѓалишта на ретки руди, кои се клучен елемент за моторите на електричните автомобили и многу високотехнолошки уреди, кои Јужна Кореја многу добро ги произведува.
– Северна Кореја би можела да ги искористи своите материјали како предност за да добие финансии за развојот на сопствената економија – оценува Ли Јун-сок, истражувач при Корејскиот институт за финансии од Сеул.