Тереза Меј денес ја најави нејзината оставка од премерската функција на Велика Британија, објаснувајќи дека ќе се повлече од лидерската позиција на партијата на 7 јуни. „Јуроњуз“ направи детална анализа за лидерката на Британците и брегзит – однос кој го дефинираше, а потоа и го уништи премиерскиот мандат на Меј.

– Мислам дека економските придобивки се многу јасни. Да се биде дел од трговски блок со 500 милиони луѓе е многу значајно за нас. Сметам дека еден од проблемите на многу луѓе кои инвестираат тука во Велика Британија е поради тоа што Кралството е во Европската Унија – тоа беа зборовите на тогашната Министерка за внатрешни работи за време на нејзината кампања за останување на Британија во Унијата, еден месец пред референдумот за брегзит.

Како што пишуваат од „Јуроњуз“, Меј тогаш немаше претстава колкаво ќе биде влијанието на исходот од референдумот на нејзината политичка индина. Овие резултати кои ѝ ја отворија вратата во канцелариите на улицата „Даунинг“ го дефинираа, доминираа и на крај го уништија премиерскиот мандат на политичарката.

По победата во трката за да го наследи Дејвид Камерон како британски премиер, реториката на Меј на почетокот од мандатот беше јасна. „Брегзит значи брегзит“, велеше таа, како доказ за нејзиното очигледно определување да ги почитува резултатите од референдумот.

Таа го започна формалниот процес за напуштање на ЕУ во март 2017 година, а еден месец подоцна изненадно најави предвремени парламентарни избори кои имаа за цел да ја подобрат позицијата на нејзината Конзервативна партија, која претходно имаше голема предност на анкетите.

Овој план не успеа и нејзината партија го загуби мнозинството во Парламентот, пораз кој потоа ѝ оневозможи на Меј да го спроведе договорот за брегзит кај парламентарците.

За време на изборната кампања, Меј го повторуваше слоганот дека таа само може да овозможи „силно и стабилно лидерство“ кое е неопходно за спроведување на брегзит.

Но, кога таа го најави нејзиниот план за брегзит, мноштво министри дадоа оставки во Владата во знак на протест, бидејќи тие го гледаа договорот како компромис кој не ги исполнува и почитува резултатите од референдумот.

Дел од јавноста ја фалеше Меј за нејзината посветеност да ги почитува резултатите од референдумот, дури и кога нејзиниот договор не ги задоволуваше ниту поддржувачите, ниту пак противиниците на брегизт.

Во јануари 2019 година, нејзиниот договор за напуштање на Унијата дојде пред Парламентот и цврсто беше одбиен од пратениците, што претставуваше голем пораз за нејзината Влада.

Договорот беше отфрлен и вторпат во средината на март оваа година, и потоа повторно на 29 истиот месец, на денот кога и официјално Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ.

Други промени за нејзиниот договор за брегзит вклучуваа законски обврски за да се пронајдат алтернативи за ирската граница до 2020 година, да нема промени за законите за животна средина кои Британија ги ужива како член на ЕУ и нова легислатива за да се заштитат правата на работниците.

На седницата на Долниот дом на британскиот Пармалент во средната, пратениците повторно го критикуваа нејзиниот договор, создаваќи уште поголем притисок врз Меј.

По сите овие случувања, денес Меј ја најави нејзината оставка како премиерка на Британија за петок, 7 јуни.