Најновите анкети покажуваат дека помеѓу Европејците не постои големо расположение за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан. Ставот на европските гласачи кон проширувањето на ЕУ исто така ја рефлектира нивната ограничена толеранција кон големите надворешнополитички иницијативи, чија корист ќе се почувствува дури во не многу блиската иднина. Според истражувањето на Европскиот совет за надворешни работи, Грција, Полска, Романија и Шпанија се единствените земји-членки каде што над 30 отсто од гласачите сметаат дека повеќе западнобалкански земји треба да и се приклучат на Унијата во наредните 10-20 години. Во повеќе земји-членки, како што се Австрија, Франција, Германија, Италија и Холандија, над 40 отсто од поддржувачите на владејачките партии се противат на проширувањето.