Со разговорите со Путин, Ким дополнително ќе ја зајакне својата позиција во идните преговори со американскиот претседател Доналд Трамп. Од друга страна, пак, тие ќе ја зацврстат и глобалната улога на Русија, која изминатите години не крие дека сака значително да го зголеми економско влијание во Северна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун деновиве ќе ја посети Русија, каде што првпат ќе има билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин. Целта на посетата по сѐ изгледа е намалување на дипломатската изолација на Пјонгјанг и олеснување на санкциите против Северна Кореја, чија економија е во многу тешка состојба. Истовремено, со разговорите со Путин, Ким дополнително ќе ја зајакне својата позиција во идните преговори со американскиот претседател Доналд Трамп. Од друга страна, пак, разговорите ќе ја зацврстат и глобалната улога на Русија, која изминатите години не крие дека сака значително да го зголеми економско влијание во Северна Кореја. Во моментов тоа им одговара и на двете страни, кои се изложени на силни американски притисоци од политичка и економска природа.

Историската посета на Ким на Русија е обвиена со мистерија. Руското МНР соопшти дека точната локација и време на разговорите нема да бидат откриени поради безбедносни причини. Сепак, како што оценуваат светските медиуми, билатералната средба би можела да се одржи уште денес или утре. Во прилог на тоа е и информацијата на рускиот портал Спутник, кој пренесе дека денес се очекува во Владивосток да пристигне блиндираниот воз на севернокорејскиот претседател. Токму пристанишниот град Владивосток е најверојатната локација поради неговата близина, на само неколку часа оддалеченост од заедничката граница помеѓу Русија и Северна Кореја.

Билатералната средба, како што оценуваат некои од руските медиуми и експертите во Москва, ќе ги подигне на ново ниво политичките односи меѓу двете земји, кои и онака покажуваат голема стабилност. Истовремено, таа ќе претставува и сериозен удар за обидите за меѓународна изолација, особено на Северна Кореја, која е цел на строги и задушувачки санкции, предводени од САД. Меѓународните санкции дополнително ги поврзуваат двете земји, откако Москва во изминатите години, пред влошувањето на своите односи со Западот во 2014 година и избувнувањето на украинската, во голема мера ги занемари врските со Пјонгјанг, во обид да не им создава дополнителни проблеми на САД со Северна Кореја.

Меѓутоа, според „Геополитика“, состојбата во меѓувреме целосно се измени, па така Москва повеќе нема причини за воздржаност во односите со Пјонгјанг, како и оние со Иран од времето на нејзините стабилни односи со Западот. Русија и Северна Кореја делат копнена граница, поради што Москва е во добра позиција за јакнење на сите облици на соработка, вклучувајќи ја и доставата на енергенти, од што на Вашингтон му се крева косата на главата, бидејќи американските санкции првенствено се насочени токму на севернокорејскиот енергетски сектор, т.е. нејзиниот увоз на нафта, кој е клучен за развојот на вооружените сили на Пјонгјанг.

Сепак, се поставува прашањето колкаво влијание денес Москва има над Пјонгјанг. Поранешниот Советски Сојуз беше главен сојузник на Северна Кореја, нудејќи економска соработка, културна размена и помош. Москва исто така му ја обезбеди на Пјонгјанг првичната технологија за развој на нуклеарно оружје. Но по падот на Железната завеса, односите меѓу двете земји значително се заладија. Поради ослабените идеолошки причини исчезна причината за специјален третман и поддршка. Како регуларен трговски партнер, Северна Кореја не беше многу атрактивна за Русија, бидејќи не можеше да ги плати меѓународните пазарни цени. По постепеното влошување на односите на Русија со Западот од почетокот на 2000-тите, врските со Пјонгјанг се подобрија. Последната билатерална средба помеѓу Северна Кореја и Русија беше во 2011 година, кога тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев се сретна со таткото на Ким, Ким Јонг-ил.

Од друга страна, пак, неодамнешниот самит во Ханој помеѓу Ким и Трамп пропадна, без да биде потпишан договор или напредок за севернокорејската нуклеарна програма. Според Би-би-си, севернокорејското лидерство не очекуваше таков исход. Пјонгјанг се надеваше дека ќе договори компромис, што ќе доведе до олеснување на меѓународните санкции што ѝ предизвикуваат голема штета на севернокорејската економија. Поради тоа, Северна Кореја мора да контактира со сите страни што би можеле да бидат од помош за постигнувањето на таа цел.

Алексеј Муравиев, професор на универзитетот „Куртин“ во Перт, истакнува дека Северна Кореја мора да им покаже на САД дека не е во изолација.

– Доколку може да покажат дека големите сили и натаму ги поддржуваат, тоа ќе им даде дополнителна предност во преговорите со САД и со Кина. На Ким мора да му се оддаде признание. Тој е доста вешт во водењето висока дипломатија за севернокорејските економски интереси, како и за опстанокот на сопствениот режим – оценува Муравивев.

Здружувањето со други партнери за дијалози е во тандем со обновената ракетна активност, за вршење притисок врз Вашингтон да се врати на преговарачката маса.
– Севернокорејската стратегија отсекогаш била на линија помеѓу конфликтите на светските сили и добивање отстапки на тој начин. Па, така, средбата со Русија може да биде искористена како карта против Кина и САД – вели Парк Јонг-ја, експерт од Корејскиот институт за национално обединување.

Истовремено, претседателот Путин веќе подолг период е расположен за средба со севернокорејскиот лидер. Но наспроти двата самита помеѓу Трамп и Ким, Кремљ како да беше оставен настрана. По неуспехот на преговорите во Ханој, средбата со Ким е одлична шанса за Путин да ја врати Москва во геополитичката игра во тој регион.
Русија, исто како САД и Кина, не е премногу среќна од фактот дека Северна Кореја е нуклеарна сила и на почетокот од 2000-тите беше дел од неуспешните шестстрани преговори, по кои Пјонгјанг се повлече од Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Но за разлика од Вашингтон, Москва сака да го задржи статус квото – денуклеаризацијата се смета за нереална цела, поради што Кремљ сака разговори со Пјонгјанг фокусирани на стабилизирање на ситуацијата.

Руското вмешување исто така е прашање на престиж и репутација. Без разлика на тоа како ќе се развиваат американско-севернокорејските односи, Русија сака да биде вклучена барем на некое ниво. Доколку Путин успее да има некакво влијание во ситуацијата, тој ќе може да покаже дека Русија и натаму е присутна во регионот. Уште подобро ќе биде доколку Кремљ значително помогне во решавањето на севернокорејската ситуација.

Сепак, според сите процени, не се очекува да биде постигната некоја голема спогодба или договори помеѓу двете земји. Покрај добивањето меѓународно признавање и предност во идните разговори со Вашингтон, Северна Кореја првенствено е заинтересирана за пари.

– Економската ситуација на земјата е лоша и Пјонгјанг очајно сака олеснување на санкциите, за да може да заживее регуларната трговија. Пјонгјанг исто така сака и бесплатни пари во форма на помош – оценува Андреј Ланков, од сеулскиот универзитет „Кукмин“.

Сепак, малку е веројатно да се очекува од Москва да пристигне економска помош.
– Во Москва преовладува чувството дека Пјонгјанг и натаму е несигурен партнер, на кој нема да потроши многу пари. А токму парите се она што на Северна Кореја ѝ е најпотребно – додава Ланков.

Бившиот јужнокорејски амбасадор во Русија, Ли Џаи-чун, исто така смета дека Северна Кореја не може да добие многу од Русија.

– Руската економија е во тешка состојба по санкциите околу Крим. Средбата ќе испрати сигнали до администрацијата на Трамп и Јужна Кореја. Таа исто така ќе има и домашни последици. Севернокорејските граѓани знаат дека самитот со САД беше неуспешен, па така средбата со Русија може да биде шоу за севернокорејскиот народ – истакнува Ли.

Кога станува збор за економските врски, Русија е обврзана со санкциите од Советот за безбедност на ОН.

– Таа нема официјално да ги прекрши овие санкции. Во најдобар случај, Москва може да ги затвори очите пред некои помали прекршувања на санкциите – оценува Ланков.
Отворено кршење на санкциите од Кремљ само ќе им наштети на руските интереси, без да добие нешто многу за возврат – Северна Кореја не е релевантен извозен пазар за Русија, и обратно, Пјонгјанг нема некои големи производи корисни за Москва.

[email protected]