Едни европски влади почнаа да наложуваат носење, а други да препорачуваат ослободување од маските во јавниот простор. Европа е поделена по прашањето какви рестриктивни и заштитни мерки да применува против ширењето на коронавирусот

Државите во Европа се поделени за прашањето дали граѓаните треба да носат маски и заштитна опрема за да се заштитат од коронавирусот. Ова прашање не само што ги подели европските власти туку ги подели и експертите, а Светската здравствена организација (СЗО), која првично нагласуваше оти маски би требало да носат само луѓе што се болни или тие што се грижат за нив, сега, по преиспитувањето на своите одлуки, соопшти дека не треба да се носат маски доколку се држи дистанца.

Западна и Јужна Европа

Во меѓувреме дел од земјите од Западна, но и од Централна Европа сѐ уште имаат строги ставови за носењето на заштитната опрема кај граѓаните за спречување на ширењето на ковид-19. Имено, властите на Шпанија, Италија, Словачка и на Австрија имаат донесено регулативи за носење заштитни маски кај луѓето и на отворено. Властите во овие земји строго препорачуваат и наложуваат носење маски на јавни места, но и држење на потребната дистанца во супермаркетите. Граѓаните во овие земји глобално ги почитуваат мерките, иако од неодамна некои од нив најавија и олеснување на мерките и укинување на забраната за патување надвор од земјите.
Како што пишува германски „Дојче веле“, источноевропските земји како Словачка, Унгарија, Чешка досега се најстроги во однос на почитувањето и спроведувањето на мерките против ковид-19. Како што наведува магазинот „Дојче веле“, во овие земји е забрането патување во високоризичните региони во светот што се најинфицирани од коронавирусот. Казните за неносење маски во овие земји ја надминува глобата и од 1.000 евра, а речиси сите од нив имаат 14-дневен карантин за луѓето што ќе влезат и што ќе сакаат да престојуваат во нив. По неодамнешното ново олабавување на мерките во Европа, единствено Чешка ги отвори шопинг-центрите и дозволи транзит на луѓе низ земјата без притоа да имаат негативен тест за ковид-19.

Скандинавските земји отпорни на ковид-19?

Од друга страна, пак, некои скандинавски земји како Шведска, но и дел од западноевропски земји, како што се Холандија и Белгија на пример, деновиве во целост ги отфрлија препораките за задолжително носење маски и заштитна опрема против ковид-19 на јавните места. Владите на овие земји ваквиот смел чекор го оправдуваат со образложението дека ефикасноста на маските не е докажана, како што, впрочем, сега тврди и СЗО. Во Шведска нема никаква забрана, а граѓаните на оваа скандинавска држава по патување надвор од неа не се принудени да бидат ниту во 14-дневен карантин по нивното враќање дома.

Западен Балкан

Додека Европејците се поделени за ставовите на СЗО за носење на заштитните маски, во регионот речиси овие совети на Светската здравствена организација како и да не се почитуваат. Па во таа насока балканските земји, секоја посебно, спроведуваат свои мерки за носењето на заштитните маски и на другата дополнителна опрема против ковид-19. Како една од најригорозните во спроведувањето на мерките за заштита на Западен Балкан, според „Танјуг“, е Црна Гора. Оваа поранешна југословенска земја прогласи епидемија на целата територија и донесе закон за задолжително носење заштитни маски на јавните места и во супермаркетите. Слична е состојбата и во БиХ, Србија, но и Хрватска. Властите во овие земји не успеваат да се справат доволно добро со епидемијата поради непочитувањето на владините мерки од страна на нивните граѓани. Иако во Хрватска се наложува дистанца од 2 метри, но и задолжително носење маски, љубителите на ноќните клубови во земјата придонесоа Хрватска неодамна да отвори нов кластер во приморскиот град Паг, со неколку стотини заразени. Во меѓувреме речиси во целиот регион е задолжително, но и казниво со закон неносењето на маските во затворен простор.

Инаку, додека ефектите од конфузната политика на СЗО за носењето на заштитната опрема против ковид-19 се рефлектираат со секојдневен пораст на бројките на заболени, според истражувањата на научниците од угледниот универзитет „Оксфорд“, Словенија и Унгарија имаат најстроги мерки за заштита од пандемијата на ковид-19 во светот. Како што пренесува порталот „Спутник“, максимални 100 бода на скалата на строгост на мерките, според „Оксфорд“, имаат единствено Словенија и Унгарија во Европа.


Во Турција и во Албанија со маски

Додека македонските граници од 26 јуни се отворени за сите држави во светот, Турција, Албанија, Србија и Косово се земјите каде што засега македонските државјани без ограничувања и со негативен корона-тест може да патуваат за време на летните одмори. Имено, во овие четири земји во кои Македонците засега може да патуваат важат регулативите за задолжително носење заштитни маски секаде каде што не може да се држи дистанца од метар и половина.

Во таа насока, Турција неодамна го направи задолжително носењето заштитни маски за лице на јавни места во уште пет области во земјата, како дел од мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Иако носењето на маските не важи за целата територија на земјата, Анкара соопшти дека задолжително носење на маските се применува во 42 области во Турција, вклучувајќи ги и туристите.

За разлика од Турција, во Албанија се малку полабави мерките против ковид-19, односно се дозволува шетање на отворено без носење маска. Во исто време, секој што нема да носи заштита во затворена просторија во земјата ќе се казнува со 15 евра. Во Србија и во Косово засега е задолжително носење маска во јавниот превоз, додека препораки за носење заштитна опрема има единствено за затворен простор.