Жозеп Борел

Номинацијата на Урсула фон дер Лејен за претседателка на новиот состав на Европската комисија и на Шпанецот Жозеп Борел за нов шеф на европската дипломатија е добра вест за оние што посакуваат зајакнување на улогата на ЕУ на глобалната сцена. Доколку предлогот за највисоките функции во Унијата добие зелено светло од Европарламентот, тогаш надворешната политика на ЕУ ќе биде во сигурни раце. Европската Унија во претстојната година ќе се соочи со повеќе надворешнополитички предизвици – дијалогот помеѓу Србија и Косово, зајакнување на заедничката европска одбрана, тензиите околу иранскиот нуклеарен договор и сѐ постудените трансатлантски односи со САД, наведува порталот „Политико“.

Доколку биде одобрена номинацијата на Фон дер Лејен, таа ќе стане првата жена-претседател на комисијата, и тоа со големо меѓународно искуство и истенчен осет за надворешна политика. Како германска министерка за одбрана уште од 2013 година, Фон дер Лејен беше во центарот на европската надворешна и безбедносна улога, и тоа во клучни и доста проблематични времиња. Помеѓу нејзините надворешнополитички успеси се германската Бела книга за одбраната од 2016 година, обезбедувањето поголеми финансии за германската војска, големата посветеност кон НАТО и зајакнувањето на односите помеѓу ЕУ и воената алијанса. Покрај тоа, Фон дер Лејен е голем поддржувач на европската безбедносна и одбранбена унија, односно на Постојаната структурна соработка и Европскиот безбедносен фонд.

Интересно е и тоа што таа беше на чело на напорите за постепеното менување на германската одбранбена политика – оддалечувајќи ја од дефанзивната позиција кон подготвеност за преземање одговорност на глобалната сцена. Под нејзино раководство е загарантирано продолжувањето на трансформацијата на Еврокомисијата на полето на одбраната, предводена од сегашните највисоки европски функционери – Жан-Клод Јункер и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. Тоа е од круцијално значење за европската надворешна политика, но и за европскиот проект како целина.
Истовремено, и номинацијата на Борел за наследник на Могерини исто така е добра вест. За разлика од другите можни кандидати, Борел навистина има надворешнополитичко искуство, бидејќи е министер за надворешни работи од 2018 година во социјалистичката влада на шпанскиот министер Педро Санчез. Исто така, важно е и неговото искуство на европско ниво – претседател на Европарламентот во периодот 2004-2007 година.

Од друга страна, шпанскиот дипломат можеби ќе биде помалку наклонет на постојани патувања, отколку Могерини. Но тоа и не е толку лоша работа. По пет години шеф на европска дипломатија, кој се фокусираше на видливоста на ЕУ во светот, потребен е наследник што ги почитува институционалните димензии на надворешната политика на Унијата и ќе избере помалку „проблеми“ за фокусирање. За еден од таквите проблеми – дијалогот помеѓу Србија и Косово – ќе биде потребно внимателно балансирање од страна на Борел. Неговото позиционирање кон Косово, од европска гледна точка, нема да биде лесно. Тоа се должи на фактот дека Шпанија, која не сака да им даде отцепување на Каталонците, сѐ уште ја нема признаено независноста на Косово. Сепак, искуството на Борел и неговите европски заслуги би требало да му овозможат да го пронајде вистинскиот баланс. За него ќе биде голем предизвик да најде начин да ја претвори таа рамнотежа во солиден договор помеѓу Србија и Косово.

Урсула фон дер Лејен