Салеме негира вмешаност во убиството

Френсис Салеме (84) вчера пристигна во судницата во инвалидска количка, на неговото судење за убиство, што ги врати поротниците во друга ера, кога шефот на мафијата познат по прекарот „кадилак Френк“ сееше страв низ Бостон, како една од водечките личности во организираниот криминал, пишува „Бостон глоуб“.

– Пред 25 години, Стивен Дисаро, сопственикот на ноќниот клуб „Шанел“ во јужен Бостон, беше повикан на разговор со „големиот човек“, што беше шифра за Салеме, тогашниот шеф на мафијата од Њу Ингланд. Три дена подоцна, на 10 мај 1993 година, Дисаро беше доведен во домот на Салеме, откаде што не излезе жив – им кажа обвинителот Френк Вишјак, на поротниците. 

Салеме, наводно, гледал како неговиот син и Пол Видик го дават Дисаро до смрт. Телото на жртвата било закопано во стара воденица во Провиденс, каде што останало скриено до пред две години.

Салеме и Видик сега се обвинети за убиството на тогаш 43-годишниот татко на пет деца, Дисаро, со цел да го спречат да сведочи против семејството на мафијашот. Синот на Салеме, Френк, пак, загина во сообраќајна несреќа во 1995 година.

Стивен Дисаро (лево) со семејството

Доушникот на ФБИ и поранешен гангстер, Стивен Флеми, ќе сведочи оти го затекнал убиството. Одбраната на Салеме, пак, тврди дека Флеми, кој отслужува доживотна затворска казна поради 10 убиства, е осведочен лажго. 

Правниот застапник на Салеме, Стив Бузанг, истакна дека неговиот клиент „не е ангел“ и оти „живеел во друга ера, во која владеело правилото убиј или ќе бидеш убиен“. Но, додаде дека Салеме категорично негира било каква вмешаност во убиството на Дисаро. И адвокатот на Видик, исто така, порача дека неговиот клиент, што го опиша како водоинсталатер, нема никаква врска со убиството, односно дека неправедно е вовлечен во случајот.

Сопругата на жртвата, Памела, сведочеше дека агент на ФБИ го предупредил Стивен Дисаро оти ќе биде покренато обвинение против него, и го наговарал да соработува со властите, непосредно пред да биде убиен.

Флеми укажал на вмешаноста на Салеме во убиството на Дисаро уште во 2003 година, додека шефот на мафијата бил во програмата за заштитени сведоци, поради неговото сведочење против корумпиран ФБИ агент. Салеме бил осуден за давање лажни информации во врска со убиството на Дисаро, поради што отслужи пет години во затвор, по што се врати во програмата за заштитени сведоци во 2009 година. Телото на жртвата било откриено благодарение на информациите од членот на мафијата Вилијам Ричи, кој бил сопственик на имотот каде што останките на Дисаро биле закопани.

„Кадилак Френк“ отслужил безмалку 16 години во затвор, поради бомбашки напад на автомобилот на еден адвокат во 1968 година. Тој напредувал во организираниот криминал, по што бил застрелан седумпати од членови на ривалска фракција во 1989 година. Салеме бил обвинет со повеќе водечки фигури во мафијата, меѓу кои и озлогласениот Џејмс Балџер, во случај за изнуда, во 1995 година.

Салеме (во средина) во 1972 година