Поранешниот припадник на морнаричките „Фоки“ за „Фајненшел тајмс“ порача дека планот бил „недоволно подготвен“ и „несоодветен“

Автори: Катрина Менсон и Гидеон Лонг

Фајненшел тајмс

Нивен лидер беше еден нестрплив американски ветеран на специјалните сили, кој служеше во Ирак и во Авганистан. Камповите за обука се наоѓаа на ветровитиот полуостров во северна Колумбија, а нивниот план беше да ја нападнат Венецуела од море, да ја соборат власта и да го испратат претседателот Николас Мадуро пред судот на правдата во САД.

Минатата недела нивниот план спектакуларно пропадна откако венецуелските безбедносни сили пресретнаа два чамци за 48 часа. Осум „терористички платеници“ и двајца американски војници беа убиени, а околу 20 локални заговорници се во притвор во Венецуела. Ефраим Матос, поранешниот американски припадник на морнаричките „Фоки“, изјави за „Фајненшел тајмс“ дека планот бил „недоволно подготвен“ и дека прв пат дознал за него лани во септември, кога обучувал венецуелски дезертери во колумбиски камп. Поранешниот припадник на „Зелените беретки“ изјави дека планот бил „несоодветен“.

Поранешните американски војници беа прикажани на државната телевизија како ја признаваат вината. Еден од нив порача дека американскиот претседател Доналд Трамп го поддржал планот. Џордан Гудро, одликуваниот поранешен припадник на американските специјални сили, кој призна дека бил организатор, изјави дека имал склучен договор со опозицискиот лидер Хуан Гваидо. Белата куќа и Гваидо негираа секаква поврзаност, но еден висок советник на Гваидо изјави за „Фајненшел тајмс“ дека тој потпишал прелиминарен договор во име на опозицијата и му платил 50.000 долари на Гудро за трошоци.

Дебаклот најверојатно дополнително ќе ги искомплицира американските цели за соборување на Мадуро од власта, да му го наруши угледот на Гваидо и да ги продлабочи поделбите во венецуелската опозиција која веќе е во жесток судир како да ја врати демократијата во државата. Мадуро силно ја нападна „воената инвазија планирана од платенички групи по наредба на Доналд Трамп“. Администрацијата на Трамп силно демантираше секаква вмешаност. Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека „ако биле вмешани, ќе реагирале многу поинаку“.

Заговорот исто така послужи како потсетник за разузнавачките капацитети на поддржувачите на Мадуро, како Куба и Русија, како што велат аналитичарите. Откако почна кризата, Венецуелците секогаш се еден чекор понапред од нивните противници, не само на домашен терен, туку и преку границата во Колумбија. Матос порача дека неуспехот се должи на ароганција, пари и „100 процентна инфилтрација“. Додека политичките последици од заговорот сè уште не се познати, се открија повеќе детали за плановите, логистиката и финансирањето.

На овонеделната прес-конференција, Мадуро мавташе со американски пасоши и лични карти и го емитуваше признанието на вина пред камера на Лук Денман, поранешниот припадник на американските специјални сили од Тексас. Денман (34), кој изгледаше смирено и свесно, иако не е познато каде и под какви услови било снимано видеото, изјави дека заговорниците планирале да го заземат аеродромот во Каракас, каде што „требало да слетаат авиони, од кои еден за да го пренесе Мадуро во САД“. Тој потврди дека соработувал со Гудро, основачот на приватната безбедносна фирма „Силверкорп“ од Флорида. На прашањето кој му давал наредби на Џордан, Денман одговори дека тоа бил „претседателот Доналд Трамп“. Белата куќа веднаш ги негираше тврдењата.

Николас Мадуро

Почетокот на заговорот бил лани во септември, кога Матос обучувал борци со дрвени стапови наместо пушки, и ги опиша како хаотична, но посветена група на венецуелски дезертери, повеќето од нив поранешни полицајци кои пиеле вода од реката и немале доволно храна.

– Никогаш не се жалеа. Сакаа да се вратат дома и да ја освојат нивната држава. Беа многу мотивирани и почнав да ги сфаќам – порача Матос и покажа фотографии од обуките за „Фајненшел тајмс“.

Овие лица разговарале со него за американки поддржан заговор за соборување на режимот на Мадуро, но никој не располагал со основната логистика, а поради тоа Матос почнал да се сомнева дали навистина била вмешана американската влада. Потоа на Инстаграм го контактирал Гудро со надеж дека ќе го одврати од проектот, но изјави дека двајцата никогаш не зборувале. Групата се подели поради обвиненијата дека дел од нив биле шпиони за режимот на Мадуро, но двајца „многу добри момци“ беа уапсени минатата недела во неуспешната инвазија. Матос покажа фотографија од едно лице во кампот за обука, кое „Фајненшел тајмс“ го поврза со еден од уапсените.

На 16 јануари, според признанието на Денман, тој заедно со неговиот поранешен американски соборец Еран Бери заминале за Гвахира, пустиот полуостров кој излегува на Карипското Море и се граничи со Венецуела. Американците почнале да работат со „три мали групи“ од околу 50-60 борци. Денман изјави дека бил стар пријател од војска со Гудро и очекувал да добие од 50.000 до 100.000 долари за неговата работа. Во посебно признание на камера, Бери изјави дека „проектот требало да трае само две недели“.

Гудро јавно обелодени дел од она што тој го нарекува договор за услуги со Гваидо склучен лани во октомври за 213 милиони долари. Тимот за односи со јавноста на Гваидо го нарече „лажен документ“ кој никогаш не бил потпишан и дека не постои поврзаност со Гудро или „Силверкорп“. Гудро не беше достапен за коментар, а ниту „Силверкорп“.

Високиот советник на Гваидо, Хуан Хозе Рендон, изјави за „Фајненшел тајмс“ дека постоел прелиминарен договор кој тој го потпишал, но не и Гваидо. Тој рече дека анексот од 42 страници ја содржел идејата за заробување на припадници на режимот и нивно изведување пред лицето на правдата, но порача дека Гудро не успеал да ги исполни ни најосновните барања од договорот и само за „максимум шест до седум дена“, тимот на Гваидо се откажал од планот. Договорот бил неважечки и осуден на пропаст од почеток, како што смета Рендон. Во интервју за „Блумберг“, Гудро изјави дека никогаш не бил исплатен и дека се чувствува предадено.

Овонеделната карипска драма следеше по поврзаниот инцидент од март, кога поранешниот венецуелски генерал Кливер Алкала изјави дека планирал „воена операција против диктатурата на Мадуро“. Заговорот пропадна кога колумбиската полиција откри 26 американски полуавтоматски пушки, шлемови, очила за ноќно гледање и панцири скриени во комбе кое било упатено кон Венецуела.

Во меѓувреме, најновите ослободители на Венецуела се во притвор. Матос го обвинува Гудро за нивната судбина и вели дека треба да се предаде на режимот на Мадуро во замена за двајцата американски војници.

Превод: Билјана Здравковска