Европската Унија (ЕУ) извезе 32,7 милиони тони отпад во 2020 година, според „Евростат“, што претставува зголемување од 75 отсто од 2004 година. Турција е главната дестинација каде што лани заврши европскиот отпад, со тоа што таму беа испратени околу 13,7 милиони тони ѓубре, што е трипати повеќе за разлика од 2004 година. Веднаш зад неа е Индија, која лани од ЕУ увезе околу 2,9 милиони тони отпад. На третото и четвртото место се две европски земји, со тоа што Велика Британија лани увезе 1,8 милион тони, а во Швајцарија завршија 1,6 милион тони отпад. „Евростат“ пренесе дека количеството на отпад што ЕУ го извезува во Кина значително опаднало во последните неколку години, со тоа што во 2009 година биле извезени рекордни 10,1 милиони тони отпад, а лани само 0,6 милиони тони.